Отпадните хемикалии од „Охис“, кои минатиот петок беа изнесени од кругот на некогашниот гигант, денеска пристигнале во инсенераторот во близина на Лион, Франција, каде што треба да бидат уништени, соопштија од фирмата „Екоцентар 97“, која ја презеде обврската согласно договорот за „Проект за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ’ОХИС‘ Скопје“.
„Транспортот се одвиваше без никакви проблеми низ Р Србија, Унгарија, Австрија, Германија и на 24.2.2021 година пристигна во инсенераторот во близина на Лион, Франција. По уредно завршената царинска постапка, се изврши прием на отпадните опасни хемикалии и нивен истовар. Согласно распоредот на согорувачот во идниот период очекуваме потврда за уништување на отпадните иницијатори и останатите отпадни хемикалии“,
велат од „Екоцентар 97“.
Минатиот петок, на 19 февруари, од кругот на „Охис“ во присуство на претставници од Државниот инспекторат за животна средина безбедно беше натоварена нето-количина од 4,2 тони иницијатори и 5,3 тони отпадни хемикалии, односно отпадни киселини, алкохоли и растворувачи.
Отпадните хемикалии биле транспортирани со специјално АДР-возило и за време на транспортот се вршел континуиран мониторинг на температурата во возилото.
„Со упорноста, истрајноста и знаењето ’Екоцентар 97‘ ДООЕЛ Скопје ја потврди својата мисија дека е компанија којашто активно учествува во заштитата на животната средина ги следи светските трендови, воведува континуирана обука и надградување на знаењето на вработените и имплементирање на нови, иновативни практики“,
истакнуваат од „Екоцентар 97“ и потенцираат дека успешно го завршиле проектот кој беше прв од ваков тим во земјава.