Вчера во кругот на ОХИС, во специјални камиони за транспорт на опасен хемиски отпад, натоварени се 4,6 тони иницијатори, хемикалии со познат состав, и 5,2 тони хемикалии со непознат состав, кои се упатени кон постројката за уништување во Франција, соопшти денеска Државниот инспекторат за животна средина.
Инспекторатот ценува дека со ова успешно завршила постапката за отстранување на отпадните хемикалии во кругот на ОХИС АД во стечај.
Хронологија на една од жешките еколошки точки во државата
На почетокот на минатата година, МЖС објаи дека вкупно 88 буриња со опасен отпад од некогашниот хемиски гигант ОХИС во две пратки се транспортирани во Базел, Швајцарија. Од нив, 84 биле со полни со отпаден метанол, а 4 со акрилонитрил.
Неколку месеци подоцна, во август лани, социјалните мрежи се појавија предупредувања во врска со опасноста од цистерната во која што е складиран отпаден винил хлорид мономер во кругот на поранешната фабрика ОХИС, за што се огласија повторно од Министерството со тврдење дека складираната хемикалија во ОХИС е под висок степен на безбедност и да не се шират дезинформации.
За преточување и дислоцирање на винил хлорид мономер Екоцентар 97, Скопје има ангажирано повеќе подизведувачи кои што заедно работат на комплетно решавање на проблемот, појаснија од МЖС.
Еден месец подоцна, во септември стигна информација дека по девет дена, токсичната хемикалија винил хлорид мономер (ВЦМ) од старата е преточена во нова цистерна во „Охис“, која треба да се извезе во Германија.
Преточувањето етапно го извршиле експерти од француската компанија „Куриум“ , кои на крајот ги елиминирале сите остатоци од 14-те тони хемикалија во старата вагонска цистерна без последици врз околината.
*Поврзани вести
Стафилов: Меѓу експлозијата во Бејрут и хемикалиите од ОХИС нема споредба
Темпирана бомба во Охис – линдан пронајден кај 8-год девојчиња кои предвреме влегле во пубертет