„Ваков суштински закон чии последици ги трпиме сите не смее да се донесе без јавна расправа и учество на стручната јавност и граѓанските организации“, се наведува во барањето на „О2 Иницијатива“
Собранието денеска на пленарна седница со 64 гласа „за“ и 11 „против“ експресно и без дебата ги донесе измените на Законот за урбанистичко планирање, во скратена постапка, а кои ги предложи министерот за транспорт Александар Николоски.
Неколку часа претходно предлогот на Николоски помина на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.
Измените на Законот жестоко ги критикуваа невладините организации, кои реагираа дека е недозволиво тие да се носат во скратена постапка и дека со нив ќе се направи дополнителен урбанистички хаос.
Од „О2 Иницијатива“ гласно реагираа против, како што велат, продолжување на можноста деталните урбанистички планови да се прават по стариот закон, со застарени податоци и во нетранспарентна процедура.
Од друга страна, предлагачот, министерот за транспорт Николоски, во одбрана на измените образложи дека со нив ќе бидат одглавени 600 детални урбанистички планови, а ќе бидат олеснети и процедурите за градба на објекти од јавен интерес, како училишта, градинки, болници, амбуланти и катни гаражи.
„Основата на измената на законот се однесува на тоа да можат училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи кои се целосно финансирани од буџетот на Република Македонија или од буџетот на општините и се во целосна општинска или државна сопственост и целосно финансирани од буџетот, значи не се работи за приватни болници, градинки, училишта, напротив за исклучиво државни објекти да можат да се градат во поедноставена процедура, која ќе значи истите побрзо да бидат реализирани, односно побрзо да се направат проектите кои овие објекти ќе можат да се реализираат. Тоа не значи дека воопшто ќе нема процедура, туку таа процедура ќе е многу поедноставена“,
вели Николоски.
Сепак, од „О2 Иницијатива“ не остапуваат од својот став дека ваквите измени се штетни.
Во објава на социјалните мрежи, попладнево, откако измените беа изгласани на пленарна седница, од невладината јавно се обратија до претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, со барање да не го потпише указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање.
Од невладината ги повикуваат и другите кои го делат нивниот став да испаратат барање до претседателката на државата со идентична содржина.
„Бараме согласно вашите законски надлежности како претседател на РСМ да не го потпишувате указот за прогласување на законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, кој е донесен по скратена постапка на 13.08.2024 и го вратите законот на повторно разгледување во Собранието со задолжително спроведување на јавна расправа на која ќе присуствува стручната јавност и граѓанските организации. Овој закон е донесен по скратена постапка, иако последиците од него се огромни и нè засегаат сите. Донесен е без јавна расправа, без консултации со стручната јавност, без објавување на Единствениот национален електронски регистар на прописи на РСМ (ЕНЕР) со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово донесување, без задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации. Ваков суштински закон чии последици ги трпиме сите не смее да се донесе без јавна расправа и учество на стручната јавност и граѓанските организации“,
се наведува во барањето на „О2 Иницијатива“.