Бојан Јовановски-Боки 13, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ и Фросина Ременски денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да ги дадат нивните воведни зборови во случајот „Меѓународен сојуз“ каде се обвинети. Обвинителството ги гони за измама и перење пари бидејќи, тврди, од бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски биле земени речиси еден милион евра откако биле доведени во заблуда за проект за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис.
Тројцата на минатото рочиште во вторникот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар, а истото го направија и таткото и асистентката на Боки, Миле Јовановски и Христина Блажевска. Меѓутоа, двајцата според првичните најави од одбраната, нема да дадат воведни зборови и ќе останат само на оние кои ги кажа нивниот адвокат, Сашко Дукоски на минатото рочиште.
Тогаш воведни зборови даде и обвинителката Вилма Русковска која случајот го наречен врв на еден еден криминален девијантен ум. Таа најави дека има и несоборливи докази кои треба да се презентираат во доказната постапка од судскиот процес.
Своите воведни зборови со табла покрај себе на која почна да пишува со маркери, Јовановски ги започна во вторникот, но набргу прекина бидејќи на неговиот татко по втор пат на рочиштето му се слоши. Судијката Софче Гаврилова-Ефремова го прекина судењето и продолжението го закажа за денеска.
Јовановски, како прв човек на организацијата Меѓународен сојуз, во предметот е првообвинет за кривичните дела перење пари и за измама, а Ременски е третообвинета за помагање во делото измама. Ерцеговиќ-Мандиќ како заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ, и асистентката Блажевска, пак, се обвинети за помагање во двете дела. Таткото на Боки, Миле Јовановски, се товари за помагање во перењето пари, како и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.