Кривичниот суд донесе пресуда со која се одбива обвинението, откако надлежниот јавен обвинител во завршен збор целосно се откажа од гонење поради застареност и недостиг на докази за кривично дело
За судскиот предмет „Тотал“, кој беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) за даночно затајување против новинарот Драган Павловиќ-Латас и три правни лица, Основниот кривичен суд Скопје информираше оти е донесена пресуда со која во целост се одбива обвинението. Оттаму велат дека одлуката доаѓа откако на последното судско рочиште, надлежниот јавен обвинител во завршните зборови целосно се откажал од понатамошно гонење на обвинетите.

Во обрзаложението, обвинителот најпрвин направил измени во обвинителниот акт врз основа на наводите од вештиот наод и мислење. а притоа било утврдено дека за две од обвинетите правни лица воопшто не се исполнети елементите кои го сочинуваат законскиот опис на кривичното дело даночно затајување. За третото правно лице, како и за Драган Павловиќ-Латас како физичко лице, во меѓувреме настапила апсолутна застареност на кривичното гонење.
„Обвинителот, имајќи ги предвид наводите во вештиот наод и мислење најпрвин направил измени во обвинителниот акт, по што утврдил дека за две од обвинети правни лица во постапката, не се исполнети елементите кои го чинат законскиот опис на пријавеното кривично дело – Даночно затајување, додека за едно правно лице и обвинетиот Д.П. – Л. во меѓувреме настанала апсолутна застареност на кривичното гонење. Заради сето тоа, судот постапил согласно Законските одредби и ја донел наведената пресуда“,
се вели во соопштението на Кривичниот суд.
Судската постапка за овој предмет започна да се води уште во октомври 2017 година, а во текот на изминатите години, случајот неколкупати се враќаше на самиот почеток, што поради промена на надлежноста на јавниот обвинител, што поради преземањето на предметот од едно во друго обвинителство.
Пресудата за отфрлање на обвинението била донесена на 27 мај годинава, а станала правосилна на 25 јуни, решенијата за судските трошоци на странките се веќе изготвени, а штом пресудата ќе биде целосно анонимизирана, таа јавно ќе биде објавена на официјалната веб-страница на судот.
