Владејачката партија обвинува дека опозицијата намерно ги кочи реформите и усогласувањето со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, ставајќи ги политичките игри пред интересите на граѓаните
Недонесувањето на новиот Изборен законик е јасен доказ дека СДСМ, Левица и ДУИ се подготвени да го блокираат секој процес што значи напредок за државата, исклучиво заради сопствени политички калкулации, велат от ВМРО-ДПМНЕ во соопштение во кое воедно ја обвинија опозицијата за директна опструкција на државните интереси.

Оттаму велат дека Изборниот законик не е прашање на дневна политика, туку клучен реформски процес неопходен за усогласување со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и за исполнување на обврските од Реформската агенда и оти власта успешно реализирала девет од вкупно десетте предвидени реформи, а единствената пречка за целосно заокружување на процесот е токму блокадата на Изборниот законик.
Однесувањето на СДСМ, ДУИ и Левица, според владејачката партија, покажува дека кога имаат можност да придонесат за закон кој е во интерес на сите, тие избираат да создаваат политичка драма.
„Граѓаните треба да знаат кој го кочи развојот и кој работи против реформите. Пропуштената можност за навремено усвојување на Изборниот законик значи и ризик од губење на дополнителни средства и можности од Планот за раст“,
се вели во соопштението.
Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ рекоа оти политичките игри на опозицијата нема да го спречат реформскиот пат, уверувајќи дека Владата ќе продолжи да работи на напредокот на државата, додека одговорноста за сите блокади и последици ќе остане исклучиво кај оние што ги предизвикуваат.
„СДС, ДУИ и Левица наместо да преземат одговорност и да придонесат за донесување на закон што е во интерес на сите, тие се обидуваат да создадат политичка драма и да се претставуваат како жртви“,
соопштија од владејачката партија.
