По укажаната прва помош, лицата се пренесени во Општата болница во Велес. Според првичните информации кои ги пренесува МИА, лицата се здобиле со повреди на главата, но се надвор од животна опасност
Осум лица се повредени во сообраќајна несреќа што денеска нешто пред 15 часот се случила помеѓу патничко и товарно комбе на регионалниот пат Велес – село Извор.
По укажаната прва помош, лицата се пренесени во Општата болница во Велес. Според првичните информации кои ги пренесува МИА, лицата се здобиле со повреди на главата, но се надвор од животна опасност.
Портпаролката на Општата болница Велес, Елена Левкова-Ќулумова, за МИА информира дека во болницата сè уште се вршат прегледи на донесените осум лица и на уште неколкумина повредени во сообраќајната несреќа кои во болницата дошле сами.
„Тимот на хирушки клиники при Општа болница Велес сè уште врши прегледи на повредените, по што ќе знаеме колку и какви повреди имаат“,
вели Левкова-Ќулумова.
Екипи на Секторот за внатрешни работи Велес се на терен и вршат увид на местото на несреќата.
Поради несреќата, регионалниот пат Велес – село Извор беше блокиран за сообраќај, а од 17:00 часот се одвива наизменично, информираат од АМСМ.