Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска донесе пресуда против Северна Македонија поради повреда на правата на осумгодишно дете со посебни потреби кое било сместено во јавна установа.
Случајот „Л.Р. против Северна Македонија“ се однесува на малиот Леон, сирак кој од три месеци бил сместен во јавна установа. Случајот го покренува Хелсиншкиот комитет за човекови права по посетата на народниот правобранител на Центарот за рехабилитација „Бања Банско“, каде што детето престојувало во 2013 година и каде што била затекната стравотната слика – момчето било врзувано со јаже за креветот со образложение дека тоа било за негова безбедност бидејќи било хиперактивно.
Дополнително на ова, осум стручни лица ставиле потпис на наодот во кој се вели дека Леон има физичка и психичка попреченост и е со телесен инвалидитет во тешка фирма, за подоцна Заводот за заштита и рехабилитација на деца младинци во Топанско Поле – Скопје да констатира дека тој е жртва на погрешна дијагноза.
Во пресудата на Судскиот совет 1 на ЕСЧП донесена денеска, едногласно се заклучува дека имало повреда на член 3 (забрана за нечовечки или понижувачки третман) од Европската конвенција за човекови права, со образложение дека властите се одговорни за сместување на Л.Р. во установа која ги нема потребните ресурси да ги задоволи неговите потреби, затоа што не ја добил потребната грижа и поради нечовечките и понижувачки третмани на кои тој бил жртва.
За Судот посебно е загрижувачки што едно толку ранливо лице, како жалителот – осумгодишно дете кое има ментален хендикеп и е глуво и немо, можело да биде често врзувано за кревет за време на престојот во Центарот од околу една година и девет месеци, при што Центарот не можел да ги исполни неговите потреби. Од оваа установа им било укажано на надлежните дека не може да го сместат детето затоа што биле недоволно квалификувани и неговите вработени не биле стручни за да се грижат за него.
Со шест гласа „за“ и еден „против“, ЕСЧП исто така смета дека имало повреда на член 3 (за истрага) заради недостиг на ефективна истрага.
Судот понатаму смета дека наместо да се размислува за генералниот неуспех на системот да одговори на потребите на Л.Р., истражните органи се обиделе да ја свртат истрагата кон кривичната одговорност на вработените во установата, што го навело обвинителството да заклучи дека имало недостиг на намера да наштети и го затворило случајот.
ЕСЧП пресуди Северна Македонија да му плати на жалителот 18.000 евра за морална штета и 1.650 евра за судски трошоци.