Во последниот месец во земјава има речиси 10 000 нови случаи на ковид-19. Вчера земјава го имаше најцрниот ден од почетокот на пандемијата со 22 смртни случаи и 29,5% позитивни случаи од тестираните
26 февруари 2020 година. Тогашниот технички премиер Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски заедно излегоа на прес-конференција и официјално соопштија дека жена што допатувала од Италија е првиот регистриран случај на коронавирус во земјава.
Оттогаш до денеска поминаа точно осум месеци, во кои официјално се регистрирани 26 954 пациенти со ковид-19. Од нив, излекувани се над 18 илјади, а 919 завршија фатално. Деветтиот месец од влегувањето на ковид-19, земјава го започнува со над 7 408 активни случаи.

Најмногу активни случаи, според вчерашниот извештај на Министерството за здравство, се во Скопје – 3 562. Во еден град има над 400, а во три над 300 активни случаи.
Притисокот врз здравствениот систем, како што кажа и Филипче во една од своите последни изјави, е голем. Се реорганизираат болниците и клиниките и се мобилизираат здравствените работници, а ако има потреба би можеле да се најдеме и во сценарио да испраќаме пациенти на лекување во други држави.
Очекувањата на здравствените власти се дека мерките што се препорачани ќе успеат да ја намалат трансмисијата на вирусот, од кој во последните неколку дена бројката на новозаразени не беше пониска од 400, а процентот на нови случаи од вкупниот број на тестирани не паѓаше под 20.
Вчера, на пример, процентот на позитивни беше 29,5 или 561 нов случај од 1 901 тестирање. Во саботата имаше 404 нови случаи од 1 524 тестирања, што е 26%. Во петокот од направени 2 367 тестирања позитивни беа 518 или 22%. Во четвртокот 24% беа позитивни, односно 640 од 2 634 тестирања. Во средата, кога беше и највисокиот број на нови случаи од почетокот на пандемијата, имаше 641 позитивен резултат од 2 688 тестирања, што е исто така 24%.
За замавот што го зеде есенскиот бран говорат и податоците на месечно ниво. Во првиот месец од појавата на коронавирусот во земјава (од 26.2.2020 до 26.3.2020) имало 201 заразен. Понатаму, бројот на вкупно дијагностицирани со ковид-19 се зголемувал за околу 1 000 случаи во април и мај, и за 3-5 000 случаи во наредните месеци. Меѓутоа, во последниот месец, од 26 септември 2020 заклучно со вчерашниот ден, бројот на новозаразени скокнал за дури 10 000.
Покрај новозаразени, во периодов растеше и бројката на смртни случаи. Во изминатата недела, од 19 октомври до вчера, Министерството за здравство информираше за 85 смртни случаи. Најмногу од нив, дури 22, беа регистрирани вчера, што е рекорд по бројот на починати од почетокот на епидемијата.
За неделата претходно (од 12.10.2020 до 18.10.2020), пак, Институтот за јавно здравје информира дека имало 49 смртни случаи, што беше зголемување за дури 58 проценти во период од една седмица.
Ковид првпат донесе полициски час во целата држава, ќе имаме ли нов?
Епидемијата на ковид-19 првпат во историјата на нашата земја донесе полициски час на целата територија. Одлуката ја донесе техничката влада, која беше составена за да ги спроведе парламентарните избори. Полицискиот час беше воведен по нецел месец од првиот регистриран случај – на 22 март и траеше од 21 часот до 6 часот.
Пред да дојде до тоа, тогашната влада донесе и други рестриктивни мерки. На пример, на 10 март одлучи да се затворат сите основни и средни училишта, факултетите и градинките. Клуч на врата во текот на пролетта се стави и на рестораните, баровите, хотелите…
Полицискиот час, пак, се зголемуваше, и еден период почнуваше и во 16 часот попладне, а завршуваше во 5 часот наутро. Седевме во карантин и по цели викенди, а најдолгиот беше за Велигден – почна во 16 часот на 17 април (петок) и траеше до 5 часот на 21 април (вторник).
За тоа колку сега сме далеку или блиску од нов полициски час, здравствените власти изминатиот период излегуваа со изјава дека прво ќе се види каков ќе биде ефектот од мерките.
„Ситуацијата е навистина сериозна, следен чекор би било целосно ограничување на движењето, односно полициски час. Да смогнеме сили и да ги почитуваме мерките за да го избегнеме сето тоа. Со овие мерки, заедно со мерките за задолжително носење на маски на отворено, забрана за групирање после 23 часот, забрана за семејни прослави, може да се намали бројот на заразени ако се почитуваат мерките и препораките“,
изјави министерот Филипче пред точно една недела.
Меѓу мерките што моментално се во сила се: намален капацитет на превозот на патници на 50%, скратено работно време на угостителските објекти до 23 часот, забрана за групирање на повеќе од 4 лица по 23 часот… Меѓутоа, дел од нив, како што се забраната за семејни прослави и задолжителното носење маски, сè уште не се во сила бидејќи за нив се потребни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести, кој е во собраниска процедура.
Од носењето, но и почитувањето на мерките ќе зависи какво ќе биде следното ковид-сценарио во кое ќе се најде земјава.
„Состојбата со вирусот е исклучително сериозна и критична, притисокот врз болниците и медицинскиот кадар е огромен. Есенскиот бран на вирусот ’коси‘ низ цела Европа и светот, никој не е поштеден. Замолувам да се сфати многу сериозно дека од секој еден од нас зависи како ќе го надминеме овој бран. Очекувам итно и по скратена постапка да се донесат сите мерки и законски измени. Повикувам на максимална одговорност на секој поединец и почитување на сите мерки за заштита“,
порача министерот Филипче доцна синоќа.
Подготвија: Александар Самарџиски и Ивана Настеска