Приведени се осум лица, во подземна гаража на ул. „Анкарска“ во скопски Карпош, кои биле на организирана прослава, спротивно на мерките и протоколите донесени од Владата на Република Северна Македонија. Полицијата упаднала на забавата на 4 јануари во 3 часот утрото.
Од МВР денеска информираа дека полициски службеници од Единицата за внатрешни работи Карпош ги лишиле од слобода Ф.А.(26), В.С.(32), М.Б.(30), И.С.(28), Д.Д.(34), Ц.С.(32), Д.П.(33) и С.П.(30), поради основано сомнение за сторено кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
„Осумте лица биле затекнати во подземна гаража на ул. ‘Анкарска’ во Скопје на организирана прослава, спротивно на мерките и протоколите донесени од Владата на Република Северна Македонија при прогласена кризна состојба за забрана за групирање на повеќе од четири лица, со цел спречување на ширење на ковид-19. Тие се задржани во полициска станица и по документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена кривична пријава по чл. 206 од Кривичниот законик“,
се појаснува во соопштението од МВР.
