Денеска се „заокружија“ осум години од 24 декември 2012 година – денот кога пратениците од социјалдемократските редови, тогаш во опозиција, беа исфрлени од собраниската сала, заедно со новинарите во галеријата, кога се носеше Буџетот за 2013 година
Со пораки „Режим никогаш повеќе“ и обвинувања дека ВМРО-ДПМНЕ и денес продолжува со своите политики, владејачкиот СДСМ се сеќава на црниот понеделник.
Денеска се „заокружија“ осум години од 24 декември 2012, ден познат како „црниот понеделник“, кога пратениците од социјалдемократските редови, тогаш во опозиција, беа исфрлени од собраниската сала, заедно со новинарите во галеријата, кога се носеше Буџетот за 2013 година.
Актуелното раководство на СДСМ, сега од позиција на власт, порачува дека ВМРО-ДПМНЕ не се променила и оти никогаш повеќе не треба да се дозволи таков режим.
„Овој ден е потсетник на вистинското криминално и насилничко лице на ВМРО-ДПМНЕ. Денес, во оваа партија, ништо не е променето, Христијан Мицкоски сè уште не може да излезе од матрицата на Никола Груевски. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своите деструктивни политики да работи против интересите на државата и граѓаните. Затоа губат 6 пати на избори. Народот не заборава“,
велат од СДСМ.
Со слични пораки, во лично име, на социјалните мрежи реагираат и раководството на социјалдемократите и првите луѓе во извршната власт. Премиерот Зоран Заев порачува дека тогаш била нападната македонската демократија, но оти Собранието денеска е дом на дебата, а не на насилство.
„Црниот понеделник е паметник за вистинското лице на насилничката, режимска матрица на ВМРО-ДПМНЕ. Таквиот однос кулминираше години подоцна, на 27 април, со насилниот упад во законодавниот дом и обидот за убиство на пратеници, новинари и вработени во Собранието. Денеска, осум години подоцна, многу работи се променети во нашата татковина. Собранието денеска е дом каде што царува дебатата, а не насилството. Ја живееме слободата. Новинарите слободно и независно известуваат, пратениците слободно работат, без страв од упади и насилни исфрлања“,
вели Заев.
И вицепремиерот за борба против корупцијата и генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, порачува дека „црниот понеделник“ треба да нѐ потсетува дека не треба да се дозволи земјава да се врати назад во режимското и насилничко минато.
„Сцените на насилно исфрлање новинари и пратеници и ден денес болат, потсетуваат на мрачното минато во кое беше заглавено нашето општество“,
порачува Николовски.
По настаните на 24 декември 2012, следуваше опозициски бојкот на парламентот – период што тогашната владејачка гарнитура го искористи за да донесе измени на Деловникот, додека СДСМ блокираше улици и институции, во рамки на т.н. „Отпор“ и најавуваше бојкот на локалните избори на почетокот на следната година. Тоа резултираше со пролонгирање на изборите и со политички преговори, како и со неколку интервенции во Изборниот законик, со цел да се обезбеди учество на СДСМ во трката за општински градоначалници и советници.
