Министерот Османи вели дека повеќе го вознемирува тоа што нема прогрес во работата на историската комисија отколку тоа што еден член се повлекол. Тој рече и дека ќе го испита случајот и дека нема да дозволи какви било притисоци од кој било од МНР во однос на содржината на работата на историчарите
Историчарот Ванчо Ѓоргиев поднесе денеска оставка од историската комисија со Бугарија, во моменти кога неговите колеги од двете држави одржуваа онлајн состанок, за кој министерот за надворешни работи Бујар Османи оцени денеска дека не донел никаков прогрес.
Османи вели дека вчера, на првиот ден од состанокот, се расправало за Самуил и дали да има препорака за внесување на насоките на комисијата во учебниците, така што, како што посочи, немало простор за какви било притисоци врз членовите на македонскиот тим во комисијата бидејќи, според него, станува збор за тема што е апсолвирана пред околу една година.
Претходно, историчарот Ѓоргиев, во соопштението за оставката, обвини дека висок функционер на МНР се мешал во стручната работа, на вчерашниот прв ден од состанокот на комисијата. Во изјава за Канал 5, Ѓоргиев посочил и дека без негова согласност е прифатена промена на учебник по историја, во делот за Самуил.
„Раководејќи се од професионалниот интегритет и личните принципи, ја известувам македонската јавност дека од денес, 22.10.2021 година, ја напуштам работата во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“,
наведува Ѓоргиев на почетокот на оставката.
Потоа тој ги набројува причините за повлекувањето од комисијата:
1. Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на комисијата, што кулминираше во текот на првиот работен ден (21.10.2021 година), на XV редовна средба, преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР;
2. При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година;
3. Нагласувам дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без моја согласност;
4. Демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси;
5. Ги охрабрувам членовите на Комисијата, кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја „виткаат кичмата“.
Министерот Османи на денешната прес-конференција, по средбата со генералната секретарка на ОБСЕ, изјави дека МНР е координатор на овој процес на разговори меѓу историчарите од двете земји и дека е надлежна институција за спроведување на Договорот за добрососедство.
„Затоа МНР логистички ја поддржува комисијата и затоа состанокот се одржува тука. МНР е одговорно за формалниот дел и за динамиката на процесот, но никогаш не влијае на содржината на разговорите. Според информациите што ги имам од првиот ден од состанокот, не е постигнат каков било прогрес. Се надевам дека тоа ќе се случи денеска, затоа што е многу битно процесот да продолжи, а кој било од членовите секако дека има прво да поднесе оставка. Такви случаи имало и претходно, од различни причини“,
вели Османи.
Османи, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека, сепак, ќе го испита случајот, односно дека ќе види кое е образложението на членот кој поднесе оставка.
„Сигурно ќе испитам, состанокот е во тек и немам информации што се случува таму. Но процесот треба да продолжи и ги охрабрувам членовите на комисијата да продолжат со работа, без разлика дали некој од членовите поднел оставка. Мене многу повеќе ме вознемирува тоа што вчера не е ништо договорено, така што, всушност, не ни можело да се врши притисок. Никогаш нема да дозволам кој било од МНР да се меша во стручните насоки на историчарите, ама ќе реагирам секогаш кога ќе видам опортуност и немање ентузијазам во процесот“,
рече Османи искажувајќи и разочараност поради тоа што состанокот се одржува онлајн наместо со физичко присуство.