Во препораките од МОН се вели дека наставниците треба да ги насочуваат учениците да консумираат поголемо количество вода, а наспроти тоа да им се препорача на учениците да не консумираат масна и храна која содржи поголемо количество шеќери за време на училишниот ден

Министерството за образование и наука (МОН), на неколку дена пред крајот на учебната година за основците, денеска преку соопштение даде препорака до училиштата наставата да ја реализираат со скратени часови. Причина за ваквата препорака се високите температури што ја зафатија земјава.
Во соопштението од МОН се вели дека основните училишта треба да продолжат наставата да ја реализираат со скратени наставни часови, но притоа да се внимава да се запази суштината на наставната материја која се изучува.
Во препораките од МОН се вели и дека училниците и другите простории кои се користат во училиштето треба постојано да се проветруваат.
Исто така, наставниците треба да ги насочуваат учениците и да им се дава можност да консумираат поголемо количество вода, а наспроти тоа да им се препорача на учениците да не консумираат масна и храна која содржи поголемо количество шеќери за време на училишниот ден.
Препораките, велат од МОН, се дел од општите препораки за заштита од топлотен бран на центрите за јавно здравје, а согласно Здравствениот акциски план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на граѓаните на Република Северна Македонија.
Наспроти основците, за кои учебната година завршува во понеделник на 17 јуни, средношколците со настава и годинава завршија како секоја претходна на 10 јуни.
Оваа учебна година основците и средношколците по првпат имаа пролетен распуст кој траеше од 26 април до 6 мај. Поради тоа, и крајот на учебната година за основците се продолжува до 17 јуни.
Владата на вонредна седница во понеделникот усвои препораки од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението за територијата на југоистокот од земјата кој овие денови е во портокалова фаза.
Од високи температури, но од жолта (алертна) фаза зафатени се Скопскиот и Вардарскиот Регион, во кои важат општите препораки што ќе ги соопшти Министерството за здравство.