Со зголемувањето на основната каматна стапка, велат од Народната банка (НБ), се очекува и понатаму да се влијае врз каматната политика на банките и ќе се стимулира штедењето во денари
Основната каматна стапка се зголемува за 0,5 процентни поени и достигна ниво од 3,5 проценти, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка (НБ).
При носењето на одлуката за зголемувањето на каматната стапка, од НБ посочуваат дека особено внимание е обрнато на нагорните инфлаторни придвижувања коишто во септември повторно забрза, главно поради прехранбената и енергетската компонента.
„Исто така, со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во монетарната политика на Европската централна банка“,
велат од Народната банка.
Оттаму посочуваат дека НБ од крајот на минатата година отпочна со постепено нормализирање на монетарната политика заради одржување на среднорочната ценовна стабилност што, меѓу другото, беше направено со постепено зголемување на основната каматна стапка.
„Се очекува дека со зголемувањето на основната каматна стапка, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва коишто се поповолни во однос на домашната валута, и понатаму ќе се влијае врз каматната политика на банките и ќе се стимулира штедењето во денари“,
велат од Народната банка.
Домашната инфлација, велат од НБ, и понатаму во најголем дел е определена од надворешните фактори, односно од порастот на увозните цени на храната и енергентите, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија.
„Од тие причини, околу 80 проценти од годишната стапка на инфлацијата во септември, односно 75 проценти од инфлацијата во првите девет месеци од годината, се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Со оглед на подолготрајните притисоци од овие цени под влијание на непредвидливи надворешни фактори и нивните преносни ефекти врз цените и на останатите производи и услуги, се подгреваат и инфлациските очекувања на економските субјекти. Поради тоа, потребно е водење претпазливи домашни политики заради внимателно управување со побарувачката. Иако кај цените на храната веќе се видливи поизразени надолни приспособувања на светските берзи, сепак нагорните притисоци од цените на електричната енергија го отежнуваат, односно го забавуваат пренесувањето на овие трендови кај цените на храната на домашниот пазар“,
појаснуваат од НБ.