Демонстрантите на денешниот осмомартовски марш симболично им изрекоа пресуда на институциите и ги прогласија за виновни за соучество во случаите со насилство врз жените и девојките.
„Во името на понижените, малтретираните, застрашуваните, прогонуваните, тепаните, убиените жени и девојки денес ја изрекуваме следнава пресуда: виновни се за соучество во злосторство сите што имаат моќ, одговорност и ресурси да обезбедат достоинство, правда, безбедност и заштита на личната сигурност на жените и девојките, а не го прават тоа. Сите што се овластени да ги откриваат, спречат, гонат и затвораат насилниците, а не го прават тоа. Сите што се овластени должни и платени да обезбедат услуги и поддршка на жртвите да преземат контрола врз сопствените животи, а не го прават тоа“,
порачаа демонстрантите.
Тие побараа надлежните да си ги оправдаат позициите и да си ја сработат платата, со тоа што ќе обезбедат поврзани институции кои ќе постапуваат во вакви случаи, јасни правила и професионални стандарди во кои ќе имаат доверба дека ќе му стават крај на родовото насилство.
„Во превод, контрола и затвор за насилниците, навремени и квалитетни услуги и поддршка за жените и девојките жртви на насилство. Посебно се задолжуваат МВР и ЈО неодложно да постапат по сите конкретни барања кои им се испорачани и добро познати. Кривични прогон за сторителите од ’Јавна соба‘ и за полнолетните жртви, кривични пријави и обвинителни акти против сторителите за делата злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобични материјал по пат на компјутерски систем. Доследно квалитетно и навремено спроведување на предистражни или истражни постапки, прочистување на полицијата од полициски службеници сторители на насилство врз жени, внатрешна политика за ефикасно казнување на сите полицајци што ги повредиле жртвите при непрофесионално сторување или пропуштање да се преземат мерки“,
беа дел од барањата на демонстрантите.
Тие побараа измени и дополнувања во законот за полиција и правилникот за начинот на вршење на полициски работи со специјални одредби за постапување во случаи на насилство и нивно усогласување со конвенцијата за спречување и борба против насилство врз жените, како и функционален омбудсман и негова трансформација во функционален механизам за контрола.