На ВМРО-ДПМНЕ можам само да им порачам дека додека е ДУИ и додека е Али Ахмети, на Албанците нема да им фали влакно, посочи Османи
Заканите на ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ ќе замине во опозиција се безвредни. Вака министерот за надворешни работи Бујар Османи ја искоментира изјавата на потпретседателот на најголемата опозициска партија Александар Николовски дека по изборите „влада со ДУИ нема да има.“
„Не е тоа првпат. Јас се сеќавам на изјавите на Зоран Заев на митинзите кога велеше, ‘зошто не ДУИ да оди во опозиција’, па знаете каков беше исходот понатаму. Така што овој начин на создавање на меѓуетничка омраза со цел потоа да се искористи во добивање на политички поени е премногу ризично за една мултиетничка демократија како што е Северна Македонија. На ВМРО-ДПМНЕ можам само да им порачам дека, додека е ДУИ и додека е Али Ахмети, на Албанците нема да им фали влакно. Така што, сите тие закани се безвредни“,
изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање на брифингот во врска со Министерскиот годишен собир на ОБСЕ.
На забелешката од новинарите зошто говори за меѓуетничка омраза кога не биле спомнати сите Албанци, туку само ДУИ, Османи посочи дека ДУИ ја претставува мнозинската волја на Албанците.
„ДУИ ги претставува Албанците, тие не се паднати од небо, некој ги избрал да ги претстави. Така, овој обид за создавање меѓуетничка омраза за да се предизвикаат некакви чувства кај Македонците, е далекусежна опасност за државата“,
дециден беше министерот за надворешни работи.
На прашањето до каде е процесот на уставните измени, Османи рече дека одговорноста за тоа што овој процес стои во место ќе биде на тие што ќе го попречат европскиот пат на државата.
„Ние сме определени да работиме до последниот момент за да не оставиме камен непревртен, за да обезбедиме европска иднина за граѓаните. Меѓутоа, секој ќе треба да се соочи со граѓаните поради своеволната одлука да ја кочи иднината на државата и со сите последици кои таа ги носи“,
изјави Османи.
Во врска со извештајот на Европската комисија кој ќе биде објавен следната недела, првиот човек на дипломатијата очекува тој да биде објективен.
„Европската комисија обично е објективна во своите проценки. Мислам дека ќе има и пофалби по однос на постигнувањата, се разбира, но ќе има и критики по однос на одредени слабости коишто ги има државата. Токму затоа правиме напори за да ги отвориме поглавјата во преговорите, за да ги адресираме слабостите. Ние сите сме свесни дека државата денеска не е спремна за членство во ЕУ. Но, далеку е спремна за да ги отвори поглавјата“,
рече Османи.