Министерот за надворешни работи Бујар Османи за предложената Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ вели дека проблемот не го гледа во содржината, туку во формата за усвојување – без консензус на политички партии. Тој вели дека ДУИ е вклучена во разговори да се усогласи текстот и доколку се постигне согласност, за што има индикации, неговата матична партија ќе ја поддржи Резолуцијата.
„Важно беше иницијативата во Собранието да биде донесена со консензус, затоа што макотрпно работевме во овој период да изградиме државна позиција по однос на овие сензитивни прашања коишто имаат елементи на етнички позиции… За нас како дипломатија беше многу лесно кога зборувавме во име на сите граѓани, без ниедна дисонантност. И јас од тука се плашев дека кое било дерогирање на државната позиција во етничка позиција може да ни ги ослаби позициите“,
рече министерот Османи во гостување на ТВ Сител.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачуваат на министерот да биде искрен во своето политичко делување на поле преговори со Бугарија. Оттаму велат дека Османи не треба да има никаков проблем со Резолуцијата, бидејќи таа е потсетник за Владата преку што не смее да помине.
„Резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ доаѓа поради блокадата од страна на Бугарија на европскиот пат на Македонија и лошото водење на преговорите од страна на СДСМ и ДУИ, за кои протекуваа информации дека задираат во националните темели. Резолуцијата е потребна за сигурност на граѓаните, затоа што на владата која ја интересира само криминал и личен интерес не може да и се верува. После таков дебакл со европскиот пат на Македонија, Владата чиј министер е Османи треба да си даде колективна оставка. Резолуцијата е одраз на ставот на целата јавност, МАНУ, УКИМ, МПЦ ОА, и други релевантни чинители. Доколку Бујар Османи е искрен во своето политичко делување на поле преговори со Бугарија, тој не треба да има никаков проблем со Резолуцијата, бидејќи таа е потсетник за владата преку што не смее да помине“,
стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.