Шефот на дипломатијата рече дека во текот на денот во исто време билатералниот протокол ќе биде објавен и во Северна Македонија и во Бугарија. Прашан зошто билатералниот протокол досега не беше објавен јавно, Османи вели дека многу било важно прво во Собрание да поминат заклучоците за Информацијата на Владата
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите го објави билатералниот протокол кој денеска во Софија го потпиша заедно со неговата бугарска колешка, Теодора Генчовска. Договорот има „5+1 точки“, историските прашања, евроинтеграции, говор на омраза, територијални претензии, рехабилитација на жртвите на репресиите во комунистичкиот период и човекови права.
Османи презентираше две верзии на Договорот, за кои вели дека имаат идентична содржина, еден по тематски целини и финалната верзија, за која рече дека е направена по временски целини (краткорочни и долгорочни мерки). Рече дека во текот на денот, во исто време, билатералниот протокол ќе биде објавен и во Северна Македонија и во Бугарија. Прашан зошто билатералниот протокол досега не беше објавен јавно, Османи вели дека многу било важно прво во Собрание да поминат заклучоците за Информацијата на Владата.
Историја
Во делот на историјата Османи рече дека обврските се реципрочни и дека Владата нема да се меша во работата и автономијата на историската комисија.
„Какви препораки (ќе се донесат) тоа зависи од Комисијата. За кого ќе дадат препораки, тоа е работа на Комисијата и ние тука не се мешаме. Но, ако препораката е за двете држави, тоа значи дека двете држави мора во ист момент да го реализираат бидејќи обврските се реципрочни. Ние како политика не влегуваме во работата на Комисијата, таа си е автономна, тие си одлучуваат. Тоа што мене ми е важно е дека Комисијата кажува јавно: ‘Ако ние прифатиме, вие слободно имплементирајте зашто ние стоиме позади тоа’. Одлуките се носат со унанимност. Седум наши члена на паритетна основа треба да кажат ‘да’. Сите мерки се однесуваат откако Комисијата ќе одобри“,
вели Османи.
Македонски јазик во ЕУ
Османи посочи дека договорот со ФРОНТЕКС ќе биде потпишан на македонски јазик.
„Досега иако се зборува дека македонскиот јазик не бил оспоруван во Европската Унија, тоа не е точно. Македонскиот јазик го немаше во ЕУ, ниту сме можеле да потпишеме документ со ЕУ со македонски јазик. Ниту преведувачот можел да има таг кадешто стои македонски јазик. Сега, не само што е влезен во рамката како чист македонски јазик, туку ќе го имаме првиот договор во историјата помеѓу Република Северна Македонија и ФРОНТЕКС со дозвола на 27 земји-членки со македонски јазик“,
вели Османи.
Говор на омраза
Шефот на дипломатијата вели дека Министерствата ќе ги следат трендовите на говор на омраза бидејќи целта на овој билатерален протокол е да се подобрат односите меѓу двете држави. Појасни дека Северна Македонија и Бугарија не можат да станат сојузници во Унијата доколку се во лоши односи и оти ЕУ не прифаќа држави коишто имаат отворени прашања со соседите.
„За да ги подобриме тие односи двете министерства го следат трендот. Ако гледаме дека намерно некој провоцира, ги омаловажува другите, ги информираме надлежните институции дека има одреден тренд, дека има некоја злонамера за да прави недобронамерна пропаганда. Министерствата за надворешни работи не носат одлуки, туку го следат трендот. Мислам дека е многу важно, бидејќи ние го имаме тој сензибилитет и ја преземаме таа обврска да ги подобриме односите и мислам дека апсолутно никој не треба да поддржува говор на омраза едни кон други. Не можеме ние да продолжиме во токсични односи со Република Бугарија.“,
вели Османи.
Прашан дали зборот „фашистички“ ќе се смета за говор на омраза, Османи вели дека тука станува збор за историска интерпретација, што всушност е работа на Мешовитата историска комисија.
„Јас зборувам за навреда, омаловажување по однос на карактеристики, на припадност од било која форма“,
вели Османи, додавајќи дека говорот на омраза ќе се дефинира според македонското законодавство.
Уставни измени
Прашан зошто нема реципритет за уставните измени, Османи појасни дека Бугарија има различно уставно уредување и не признава етнички заедници внатре во државата.
„Во Договорот од 2017 тоа е единствената асиметрична позиција. Јас претпоставувам дека тоа е направено тогаш затоа што има различни уставни уредувања помеѓу двете држави. Но, тоа е обврска којашто е преземена уште во 2017 година и треба да ги прашате тие што го срочиле тој Договор“,
рече Османи.
Добрососедство како услов
Во однос на добрососедските односи со Бугарија, шефот на дипломатијата вели дека Европската комисија нема да дава извештаи, бидејќи Договорот за добрососедство и соработка во францускиот предлог не е патоказ.
„Хипотетички, доколку еве заглавиме со Република Бугарија зашто таа ќе каже дека нашиот впечаток е оти добрососедските односи не се добри. Дали е подобро да бидеме во процесот и ЕК да ни помогне тука или да бидеме надвор чекајќи дека еден ден Република Бугарија ќе ја смени својата одлука. Јас сум убеден дека ако сме внатре во процесот, заедно со Комисијата, било која потешкотија со Република Бугарија полесно ќе ја надминеме ако ни е тука со нас Европската комисија. Седејќи дома, чекајќи дека можеби по бугарските избори ќе дојдат некои подобри партии, подобри од Владата на Кирил Петков и дека тие ќе кажат: ‘Досега грешевме, ајде ќе се повлечеме од нашите позици’, мислам дека е тоа погрешен пристап. Затоа сум уверен дека е направена најдобрата можна одлука којашто ги запазува нашите позиции, а овозможува почеток на преговори после 17 години“,
вели Османи.