Во однос на уставните измени, министерот за надворешни работи вели дека со формирањето на Работната група за уставни измени, процесот е и формално лансиран. Тој очекува групата да излезе со амандманите, амандманите да се претстават во јавноста, да почне јавна дебата, да почнат пратениците исто така во своите тела да дебатираат по однос на амандманите и тогаш, вели Османи, ќе се расчистат сите дилеми
Нема поголем проект во историјата на нашата држава од овој проект, којшто го поврзува Скопје со Охрид, со кој граѓаните ќе патуваат еден час, и очекувано е да има многу дебата околу него, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи за проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д.
„Мислам дека после независноста, Рамковниот договор, членството во НАТО, ова е четвртиот историски момент за државата. Нема поголем проект во историјата на нашата држава од овој проект, којшто го поврзува Скопје со Охрид и очекувано е да има многу дебата околу тој проект. Секогаш за големи прашања има и голема дебата и мислам полека како поминува времето сите тие стереотипизирања и обиди за злоупотреба од страна на опозициските партии на проектот ќе спласнат, ќе се објаснат, ќе се расчистат“,
вели Османи во интервју за Гласот на Америка.
На прашањето дали со нетранспарентноста се поттикнуваат сомнежи за корупција како што многумина го толкуваат дистанцирањето на амбасадата на САД од договорот, шефот на дипломатијата е дециден дека нема да остане нерасчистена и неразјаснета ниту една дилема.
„Мислам дека изборот на американска компанија за најголемиот проект во државата покажува и стратешка ориентација, но и гаранција за транспарентност и чесност на целиот проект“,
посочува Османи.
Во однос на уставните измени, министерот за надворешни работи вели дека со формирањето на Работната група за уставни измени, процесот е и формално лансиран. Тој очекува групата да излезе со амандманите, амандманите да се претстават во јавноста, да почне јавна дебата, да почнат пратениците исто така во своите тела да дебатираат по однос на амандманите и тогаш, вели Османи, ќе се расчистат сите дилеми.
„Кога ќе се видат формулациите на амандманите, ќе се види дека целата пропаганда на опозицијата, на противниците на европскиот пат на државата, на противниците на прогресот на државата, ќе паднат во вода затоа што ќе се види дека уставните амандмани всушност само го зацврстуваат мултиетничкиот карактер на нашата држава и на нашето општество, го збогатуваат нашето општество и имиџот на државата пред светот и дека целиот страв којшто бил создаден имало за цел некој да добие власт, да добие фотелји притоа злоупотребувајќи ги емоциите, злоупотребувајќи ја загриженоста на граѓаните по однос на иднината на државата“,
посочува Османи.