Доколку се сфати тежината на моментот, 14 дена се доволни за договор, но потребни се две страни, рече Османи на денешната прес-конференција, коментирајќи го вчерашниот епилог од средбата на четирите партии во Бугарија кои преговараат за идната влада, а кои се согласија на конструктивен пристап кон проблемот со С Македонија и притоа предлагаат нов документ со неколку точки кои ќе ги достават до нашите власти
Самата најава за политичка влада во Бугарија ќе го олесни процесот и дава оптимизам дека ова прашање оди кон решение. Вака министерот за надворешни работи, Бујар Османи, го коментираше вчерашниот епилог од средбата на четирите партии во Бугарија кои преговараат за идната влада, а кои се согласија на конструктивен пристап кон проблемот со С Македонија и притоа предлагаат нов документ со неколку точки кои ќе ги достават до нашите власти.
„Ја следевме вчерашната дебата и ставовите на политичките партии. Очекувам тоа да се преточи во конкретни ставови. Позициите се јасни на двете страни и треба само промена во пристапот и фокусот“,
рече Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој рече дека преговорите со техничката влада на Бугарија никогаш не запреле и дека во моментов се работи на подготовка на одговорите на 5+1 точки, што треба да биде основа за продолжување на преговорите. Сепак, додаде дека клучен момент е вклучување на политичка влада, но истакна дека мора да се продолжат преговорите.
Најави интензивирање на комуникацијата на ниво на експерти од МНР, на размена на ставови и на политичка комуникација меѓу двете влади или претседателот на Бугарија кој е веќе избран, за да се најде решение.
„Не сме толку далеку од тоа“,
рече Османи и додаде дека се работи „да се фати“ датумот 14 декември.
„Но има и можност словенечкото претседателство да донесе одлука и до 31 декември. И француското претседателство во јануари може да го стори тоа, не е обврзано со конкретен состанок за да даде зелено светло“,
рече Османи.
Тој повтори дека Советот на ЕУ ја чека одлуката на Бугарија да го тргне ветото, бидејќи останатите 26 земји веќе донеле одлука. Она што го очекуваат нашите влаасти е конкретни чекори од Бугарија – размена на предлози, средби на експерти, а потоа доаѓа ЕУ со предлозите на претседателството.
„Доколку се сфати тежината на моментот, 14 дена се доволни за договор, но потребни се две страни“ ,
рече Османи.