Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека нацртот за преговарачката рамка со ЕУ се очекува да го добиеме во јуни, додека годишниот извештај, кој се очекуваше во јуни, ќе се одложи за септември.
Очекува Комисијата да има неутрален став, а потоа, како што рече, ќе помине низ филтрите на земјите членки, каде што се очекуваат предлози.
„Засега прашањето на рамката останува за јуни, најверојатно 3 јуни, иако не може точно да се каже поради комплицираноста со состаноците поради пандемијата. Првиот предлог што ќе се објави на 3 јуни е всушност нацртот, рамката што ќе ја предложи Комисијата. Потоа таа ќе се разгледува во КОЕЛА, тело на Советот за проширување во којшто се земјите членки, каде што ќе се презентираат национални позиции. Се разбира, може уште и на ниво на Комисијата да има одредено влијание, но очекувам дека ЕК ќе излезе со неутрален став во однос на поединечните ставови на членките кои во случајот на моменти може да бидат асиметрични“,
одговори Османи на прашањето дали барањата на Бугарија се влезени во рамката и до каде е усогласувањето.
Појасни дека во случајот со Црна Гора на земјите им требало три месеци да се усогласат и, доколку тоа биде и во нашиот случај, Османи очекува рамката да биде усвоена на октомврискиот самит на ЕУ или на декемврискиот, по што веднаш би се одржала и првата меѓувладина конференција.