Прашан за можноста Бугарија да го повтори ветото во иднина за некое друго прашање, Османи вели дека е оптимист и дека со формирањето на новата влада во Софија ќе започне и новото поглавје на односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија
Скрининг-процесот со Европската Унија е во тек и се одвива со добра динамика. Паралелно со тој процес се одвива и процесот на уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот. Ова во интервју за француската телевизија „Франс 24“ го кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи зборуваше за процесот на уставните измени, односите со Бугарија, како и за реформската агенда на Владата потребна за исполнување на условите за членство во ЕУ.
Прашан за можноста Бугарија да го повтори ветото во иднина за некое друго прашање, Османи вели дека е оптимист и дека со формирањето на новата влада во Софија ќе започне и новото поглавје на односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
„Од моето искуство, она што беше штетно за нашите односи со Бугарија и за нашата европска перспектива е овој бесконечен изборен процес во Бугарија и немањето политичка влада како соговорник за да се воспостави доверба и комуникација и да одиме напред“,
рече Османи.
Во однос на реформската агенда и напредокот на земјава во борбата против корупцијата, Османи вели дека Северна Македонија има најдобар резултат во регионот во исполнување на политичките и економските критериуми од европското аки. За земјата уште подобро да напредува и да покаже вистински резултати, Османи вели дека е потребно да почнеме да ги отвораме преговарачките кластери.
„Инсистираме на отворање на кластерите за преговарање. Преговорите за пристапување ги имаат овие сеопфатни поглавја за владеење на правото, поглавја 23 и 24, кои се отвораат први и затвораат последни. И тие ја обезбедуваат рамката преку која ќе можеме да го подобриме и да го европеизираме нашето општество“,
вели Османи во интервјуто за „Франс 24“.
Османи рече дека Северна Македонија, со тоа што толку долго чека на патот кон ЕУ, беше фаворит дури и во споредба со земјите кои ги започнаа пристапните преговори пред десетина години.
„Оваа предност и побрзото отворање на поглавјата ќе ни помогне за да можеме побрзо и да ги затвориме преговорите“,
рече тој.