Наспроти тврдењата на вицепремиерот дека сега интегративците одлучуваат која партија ќе учествува во владејачката коалиција, грчкиот весник анализира дека тоа сценарио е повеќе лост на притисок за да се извлечат што подобри позиции во 19 министерства во македонската влада
Изборниот резултат се очекува да донесе развој на настаните и во најголемата опозициска партија, со нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, кој е под притисок да си даде оставка со цел да се спроведе реформскиот процес на централно-десничарската коалиција, коментира „Етнос“
Досегашниот вицепремиер за европски прашања и портпарол на ДУИ Бујар Османи во разговор за грчкиот весник “Етнос“ проценува дека во земјава веднаш ќе почнат преговорите меѓу страните за формирање на идната влада.
„Преку брз процес, потребно е што поскоро да заврши воспоставувањето на институциите за справување со пандемијата и социоекономските последици од тоа. Од друга страна, не заборавајте дека сме на чекор пред почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Значи, важно е да не се одложува воспоставувањето на новите институции“,
вели Османи.
Осврнувајќи се на тешкиот предизборен однос на ДУИ со Зоран Заев, кој, како што коментира „Етнос“ беше нарушен со чести контроверзии, така што поранешниот премиер ја испрати најголемата албанска партија во опозицијата неколку пати за време на изборната кампања и дали тоа ќе влијае на формирањето влада, Османи истакнува дека тоа е нешто за што треба да се праша самиот Заев. Сепак, додава дека, по последните резултати од изборите, тој не смета дека лидерот на СДСМ останува на иста позиција.
„Во секој случај, резултатот од изборите покажува дека ние ќе утврдиме кој ќе влезе во нашата влада, а не некој друг. Затоа, проценувам дека ДУИ ќе добие мандат да формира влада и ние ќе одлучиме која партија на Северна Македонија ќе учествува во нашата коалиција“,
нагласува Османи.
Осврнувајќи се на приоритетите на новата влада, Османи истакна дека е многу важно да се продолжи со процесот на пристапните преговори со ЕУ.
„Следната влада ќе биде за преговори со Брисел и затоа е важно од една страна да се формира многу функционална влада за оваа цел, а од друга страна влада која ќе има капацитет да ги спроведе сите потребни реформи дома. И ние сакаме да го почнеме овој процес со ЕУ што е можно поскоро“,
вели Османи.
Од друга страна, во текстот на „Етнос“ се анализира дека СДСМ, со своите 46 пратеници, може да формира влада само со ДУИ на Али Ахмети, со која ќе има точно 61, а за да се обезбеди поголема стабилност во владејачката коалиција може да се приклучи и ДПА на Медух Тачи. Заев, кој им ветуваше на своите следбеници дека ќе ја испрати во опозиција ДУИ, која е речиси во континуитет во владата од 2002 година, како помал партнер, а во сојуз со различни партии, ќе мора да ја промени стратегијата, затоа што изборниот резултат не остава простор за такво сценарио, коментира весникот.
„Од друга страна, ДУИ, откако излезе зајакната од изборниот процес, се очекува да ја игра предизборната улога на именување албански премиер за да влезе во формација на владата. Но, тоа е сценарио кое нема да оди …, туку ќе делува повеќе како лост на притисок со цел да се извлечат повеќе и подобри места во 19-те министерства на земјата. Сојузот на ДУИ со ВМРО е тежок, иако тие во минатото биле заедно во Владата во владата, бидејќи најголемата албанска партија јасно стави до знаење дека ќе работи само со партии кои го поддржуваат европскиот правец на земјата, го почитува Договорот од Преспа и добрососедските односи со Бугарија. Тоа се прашања што се далеку од политичката насока на ВМРО. Изборниот резултат се очекува да донесе развој на настаните и во најголемата опозициска партија, со нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, кој е под притисок да си даде оставка внатре и надвор од партијата, со цел да се спроведе реформскиот процес на централно-десничарската коалиција“,
анализира грчки „Етнос“.