Шефот на дипломатијата се воздржува од коментар по критиките од доскорешниот вицепремиер за европски прашања
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека ќе се воздржи од коментари по обвинувањатата од поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров.
„Не сакам да влезам во реплика со поранешниот колега затоа што јавноста кажа доволно, и политичкатата, и граѓанската… Утнат е тајмингот за давање такви квалификации откако ќе видите дека не сте во списокот. Ќе се воздржам од коментари и само можам да му посакам успех во понатамошната работа и ангажмани“,
рече Османи во гостување на Канал 5.
Посочи дека работеле заедно и оти имале заеднички постигнувања, за што како пример го посочи тоа што политичари кои ги претставуваат заедниците, посебно македонската и албанската, зборувале во еден тон, дали во Скопје, во Софија, во Брисел, во Вашингтон…
„Некој што не ги знае приликите и не го знае процесот, тоа може да го потцени, но, тоа е многу важно“,
рече Османи.
Тој оцени дека со Димитров немале суштински разлики во процесот, туку во работната дисциплина.
„Мислам дека ова се реакции на моментот, така што подобро е да се воздржам. Можеби по неколку месеци, доколку се повторуваат, би кажал. Но, сега е рефлексија на моментот, на ситуацијата“,
додаде Османи.
Според него, лоша карактеристика е кога се вели „само јас сум добар, а сите други се лоши“.
„Таквите поставувања или пристапи, системот ги отфрла, процесот ги отфрла затоа што овој процес е тимски. Никој не е најпаметен, никој не е најзаслужен, така е поставен системот, никој не може да направи што било на своја рака, па дури и премиерот или претседателот на државата“,
рече Османи.
Tој вели дека нема никаков багаж во овој процес, ниту, како што рече, во животот и во политичката кариера.