Како што соопшти МНР, договорот претставува и основа за унапредување на билатералните односи во повеќе аспекти, пред сѐ во делот на економската соработка и бизнис-врските
Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Јапонија, Бујар Османи и Јошимаса Хајаши денеска на средба во Токио потпишаа договор за техничка соработка меѓу двете држави, со што се зајакнува можноста за имплементација на јапонската билатерална помош за земјава, но и збогатување на договорно правната рамка.
Како што соопшти МНР, договорот претставува и основа за унапредување на билатералните односи во повеќе аспекти, пред сѐ во делот на економската соработка и бизнис-врските.
Шефот на дипломатијата Османи се заблагодари за долгогодишната и континуирана јапонска помош преку многубројни проекти, грантови и донации, што ја вбројува Јапонија меѓу најголемите донатори во земјава.
„Јапонската помош за Северна Македонија, кумулативно достигнува без малку половина милијарда долари. Многубројни проекти што се финансирани преку јапонската помош го поттикнуваат нашиот економски и социјален развој: од реконструкција на училишта, подобрување на условите во медицински установи, па сѐ до поддршка за малите и средни претпријатија, зачувување на животната средина – сѐ се тоа области во кои јапонската помош силно придонесува во развојот на земјата“,
истакна Османи.
За време на средбата се разгледани и можностите за унапредување на економската соработка и бизнис-врските, при што министерот Османи како особено значајна во овој дел ја оцени јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан.
Османи информира и за одржаната презентацијата на поволностите што земјава ги нуди за странски инвеститори, во рамки на ЈЕТРО бизнис-форумот, како и претстојното учество на Северна Македонија на Осака експо 2025.
Османи информира и за одржаната презентацијата на поволностите што земјава ги нуди за странски инвеститори, во рамки на ЈЕТРО бизнис-форумот, како и претстојното учество на Северна Македонија на Осака експо 2025.
„За нас е особено значајно зајакнувањето на економската соработка и бизнис врските со Јапонија. Имав одлична можност да ја промовирам бизнис климата во Северна Македонија пред голем број јапонски компании од автомобилската индустрија, енергетиката, ИТ секторот и други полиња, кои покажаа интерес за инвестирање во земјава. Воедно, учеството на Северна Македонија на Осака експо 2025, ќе придонесе за зголемување на видливоста на нашата земја во Јапонија и ќе отвори можност за остварување на нови бизнис партнерства и за привлекување јапонски инвестиции“,
подвлече Османи.
На средбата, како што се наведува во соопштението од МНР, е упатена заедничка осуда на руската инвазија врз Украина, што првенствено ја нарушува европската безбедносна архитектура, но истовремено подеднакво влијае и врз азискиот континент, индопацифичкиот регион и врз целокупниот меѓународен поредок базиран на правила.
Министерот Османи меѓу другото се осврна на претстојните значајни јубилеи – 110-годишнината од раѓањето на Кензо Танге во 2023 година и 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи во 2024 година, што претставуваат убава можност со пригодни заеднички настани да ги одбележиме досегашните достигнувања и успеси во билатералните односи меѓу двете земји.