Посетата на Македонците во Албанија министерот ја најави вчера на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање во однос на актуелните тврдења на претставници од македонската заедница во Албанија дека се соочуваат со притисоци да се попишат како Бугари на претстојниот попис закажан во октомври
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе престојува во работна посета на Албанија, каде што ќе се сретне со повеќе преставници на македонското национално малцинство и со преставници на локалните самоуправи. Османи, како што информира МНР, ќе има средби во Требиште и Голобрдо, а потоа ќе пристигне во регионот на Пустец.
Посетата на Македонците во Албанија министерот ја најави вчера на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање во однос на актуелните тврдења на претставници од македонската заедница во Албанија дека се соочуваат со притисоци да се попишат како Бугари на претстојниот попис закажан во октомври.
„Јас веќе имав комуникација со нив и се договоривме, ќе ги посетам и Пустец, Џепиште и Требиште, каде исто така живее македонско национално малцинство во Албанија. Ќе ги посетам и општините и училиштето и ќе имам комуникација со граѓаните и нивното здружение во текот на целиот утрешен ден за да ги слушнам нивните забелешки и да видиме што можеме ние да помогнеме во комуникација со Република Албанија“,
изјави Османи на вчерашната прес-конференција.
Во Пустец предвидени се средби со претседателот на Македонската алијанса за европска иднина (МАЕИ), Васил Стерјовски, како и со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски, како и посета на повеќе локации, училишта, спомен куќи, кои се од посебно значење за локалните жители.