Од лапсусот на Лајен, порача Османи, не треба да се создаде непријателство кон интересот што таа го покажува кон една мала земја како што е Северна Македонија
Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека треба да бидеме коректни и да не ѝ замеруваме на шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која нè нарече „северномакедонци“ за време на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски пред два дена.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Министерството за надворешни работи ќе реагира по однос на изјавата на Фон дер Лајен и ќе ѝ укаже на грешката, Османи вели дека за време на целата прес-конференција таа била коректна во однос на јазикот и нашите идентитетски атрибути, а во еден момент кажала нешто што не е во рамки на тие атрубути, но дека не треба тоа да ѝ се зема за зло.
Од лапсусот на Лајен, порача Османи, не треба да се создаде непријателство кон интересот што таа го покажува кон една мала земја како што е Северна Македонија.
„Да имате фокус на претседател на Европска комисија, претседател на влада на најголемата економија во светот, да доаѓа секој месец во една мала држава, нешто што го посакуваат големите држави во Европската Унија – да ја имаат Фон дер Лајен во нивните земји и да покаже таков интерес. Да има такви прес-конференции по однос на тоа што нас ни е важно, во однос на тоа дека јазикот станува еден од службените јазици, дека припаѓаме таму и да направи еден лапсус од тоа да создадете анимозитет кон тој интерес што го покажува, а не знам дали ќе го имаме постојано“,
истакна Османи на денешниот брифинг со медиумите.
„Еве, гледајте хронолошки колку пати ни дошол претседател на ЕК во државата? Тоа се важни прашања за кои не смееме поради некои наши динамики да ги злоупотребиме“,
заклучи тој.