Османи денеска повтори дека португалскиот предлог е најдоброто решение што дава решение и на барањата на Бугарија и на очекувањата на Северна Македонија, како и на земјите членки на ЕУ. На прашањето зошто јавно не се каже што содржи предлогот, Османи вели – сè уште се работи на предлози
Можноста да се добие почеток на преговори за членство на 24 и 25 јуни на Самитот на лидери на ЕУ е теоретска, имајќи предвид дека во моментот во Бугарија има комплексни политички услови и контекст и единствено претседателот на државата има целосен политички мандат и можност да се повлече ветото, односно да се донесе одлука на самиот Самитот на лидери, изјави денеска на прес-конференција шефот на дипломатијата Бујар Османи.
„Тоа не е прашање дали сум јас оптимист или не, туку е прашање на констатација на Европската комисија, на сите 26 земји членки. Ова е прашање на ЕУ што понатаму со процесот, но имајќи предвид дека тоа е во стратешки интерес и на Бугарија дека сепак ќе се рефлектира и ќе се даде тоа зелено светло на 24 и на 25 јуни“,
рече Османи.
Османи денеска повтори дека португалскиот предлог е најдоброто решение што дава решение и на барањата на Бугарија и на очекувањата на Северна Македонија, како и на земјите членки на ЕУ. На прашањето зошто јавно не се каже што содржи предлогот, Османи вели – сè уште се работи за предлози.
„Тие сè уште се предмет на идеи што се разменети од двете страни и се додека нема сигнали од која било страна дека која било од разменетите идеи може да биде основа за надминување на разликите, сепак остануваат само предлози, само идеи, што мислам дека не треба да бидат предмет на јавна дебата, туку се уште на ниво на дипломатска комуникација, бидејќи таквите процеси бараат таков пристап. Но, бидете сигурни дека доколку има најмала индикација дека која било идеја може да прерасне во основ за надминување на разликите, прво ќе биде информирана јавноста пред ние да заземеме каков било став“,
дециден е Османи.
Единствено што откри шефот на дипломатијата е во однос на прашањето за јазикот, за што рече дека португалскиот предлог го третира и тоа прашање.
„Таму има предлог и за разликите што постојат по однос на јазикот во текстот на преговарачката рамка и ние сметаме дека тој предлог е добра основа за решение“,
рече Османи, но не даде детали.