Каков ќе биде исходот и текот на тие разговори не можам да кажам, меѓутоа мислам дека граѓаните очекуваат од нас барем една година од нашиот политички живот да ги тргнеме партиско-политичките интереси настрана, да седнеме и да кажеме дека оваа година е одлучувачка за наредните децении

Министерот за надворешни работи и член на ДУИ, Бујар Османи, вели дека разговорите за влез на Алијанса за Албанците во Владата продолжуваат.
„Каков ќе биде исходот и текот на тие разговори не можам да кажам, меѓутоа мислам дека граѓаните очекуваат од нас барем една година од нашиот политички живот да ги тргнеме партиско-политичките интереси настрана, да седнеме и да кажеме дека оваа година е одлучувачка за наредните децении. Ќе седнеме во влада или надвор од влада и ќе ги донесеме тие одлуки. Сметам дека тој политички момент е созреан и би било во интерес на европската перспектива и на граѓаните тој заеднички план да се случи“,
рече Османи одговарајќи денеска на новинарско прашање дека токму двотретинското мнозинство е условот што го поставуваат АА за да бидат дел од Владата.
На прашањето дали Владата има гаранција за партијата на Арбен Таравари дека ќе се обезбеди тоа потребно мнозинство Османи рече дека сите политички партии и сите субјекти кои сакаат да го направат тој процес за членство на Република Северна Македонија во ЕУ до 2030 година сега е време да седнат и да имаат координирани напори за да ја обезбедат таа иднина.
„Разговорите продолжуваат. Сметаме дека оваа година е создаден таков политички момент да треба да се донесат политички одлуки кои ќе ги детерминираат наредните 10, 20, 30 години. Значи оваа година не е вообичаена година во која ќе можат партиите да се занимаат со дневно-политички калкулации, туку се носат решенија кои се стратешки и кои се за иднината на државата“,
рече Османи.
За тоа кога е планирана средба во Влада за преговори со Алијанса за Албанците, Османи упати прашањето да се постави кај премиерот, но додаде дека ставот е тој дека има зрел политички момент за една сериозна координација и заеднички напор за да се обезбедат наредните децении како што граѓаните очекуваат.
За обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кон СДСМ и ДУИ за партиски притисоци врз пратениците и за тоа дали планираат да го почнат процесот на уставни измени пред да биде обезбедено двотретинско мнозинство, Османи рече дека тие ставови на опозицијата не заслужуваат одговор.
„Ставовите на опозицијата и на претседателот се толку шаренолики, разновидни и неконзистентни, така што навистина не заслужуваат одговор. Така што и ова обвинување дека имало некакви структури кои влијаат на пратениците не заслужува одговор затоа што е толку неодржливо да навистина не заслужува внимание“,
одговори Османи додавајќи дека тоа што заслужува внимание е фактот дека процесот на преговори со ЕУ се одвива одлично и дека Европската унија испраќа пораки дека се позитивно изненадени од спремноста на нашата администрација да одговори на барањата.
Османи уште еднаш потенцираше дека потребата за уставни измени е неизбежна.
„Нема да можеме да избегнеме од таа обврска за уставни измени и внесување на помалите заедници во Уставот затоа што без тоа нема европски процес. Поминавме низ многу потешки предизвици затоа што оваа држава нема да има добра перспектива без членство во ЕУ. Ако сме убедени дека од тој процес нема бегање, денеска, утре, задутре“,
додаде Османи.