Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека Протоколот со Бугарија сè уште не е усогласен, но кога тоа ќе се случи, мерките предвидени во билатералниот документ ќе бидат објавени пред властите да го потпишат.
„Прво, францускиот предлог нема врска со Протоколот. Протоколот е билатерален, само временски коинцидираат заради целиот пакет. Протоколот е записник од средба која сè уште не е одржана. Значи, тоа што ќе го разговараме на средбата ќе влезе во записник, кој потоа министрите го потпишуваат. Но, мерките кои што ги предвидуваме се усогласуваат и мислам дека овие денови целосно ќе се усогласат. Она што можам да го кажам е дека тие мерки пред да бидат потпишани, ќе бидат објавени во јавноста“,
посочи Османи.
Според шефот на дипломатијата во Протоколот, како и во целиот француски предлог нема ништо спорно, но дека и Бугарија е незадоволна од предложениот компромис.
„Тие не се задоволни, затоа што треба да признаат македонски јазик, официјално во Европската унија. Тие не се задоволни што нема поглавја, што нема одредници… единствено што добија е промена на Уставот за да бидат внесени Бугарите. Ништо повеќе нема во францускиот предлог како компромис, освен тоа“,
рече Османи за телевизија 24.