Она што е најважна испорака оваа година во рамките на процесот, според Османи, е имплементација на Договорот за заеднички регионалнен пазар кој што исто така е иницијатива донесена за копретседавање на земјава со Берлинскиот процес. Тоа се трите договори кои што овој пат се усвојуваат за признавање на дипломите, професионалните квалификации и слободното движење со лична карта низ целиот регион што е повторно наш предлог и наша иницијатива
Пакетот за енергетска поддршка за земјите од регионот, меѓу кои и С Македонија, што го подготвува Европската Унија ќе биде најавен од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на нејзината посета на Скопје, следната недела, соопшти министерот за надворешни работи, Бујар Османи во изјава по завршувањето на денешниот состанок на шефови на дипломатии одржан во Берлин во рамките на Берлинскиот процес.

„Имав можност да се видам и со комесарот Вархеји кој што даде исклучително позитивна вест, а тоа е пакетот за енергетска поддршка кој што ќе биде најавен со доаѓањето на претседателката на Европската комисија следната недела во Скопје, а пред се во помошта во делот на надминување на тековните проблеми во однос со снабдувањето со енергија и високите цени за индустријата, а се разбира и за домаќинствата“,
изјави Османи, во изјавата во која направи резиме на своите активности за време денешниот престој во Берлин во рамките на состанокот.
Шефот на македонската дипломатија истакна дека одлуката на германската влада да го реактивира повторно Берлинскиот процес е исклучително важна за целиот регион заради значењето што го има овој процес и оваа иницијатива за регионалната соработка.
Тој потенцираше дека С Македонија за прв пат учествува како земја која што веќе преговара имајќи ја предивид, како што рече, историската одлука на Европската Унија на 19 јули оваа година да ги почне преговорите со земјава за членство во ЕУ.
Она што е најважна испорака оваа година во рамките на процесот, според Османи, е имплементација на Договорот за заеднички регионален пазар кој што исто така е иницијатива донесена за време на копретседавањето на земјава со Берлинскиот процес.
„Тоа се трите договори кои што овој пат се усвојуваат за признавање на дипломите, професионалните квалификации и слободното движење со лична карта низ целиот регион што е повторно наш предлог и наша иницијатива“, рече Османи.
Во однос на билатералните средби на Османи на маргините на состанокот во Берлин, покрај онаа со Вархеји, како исклучително значајна ја издвои средбата со германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, како голем поддржувач на нашата европска перспектива, како и средбата со неговиот бугарски колега Никола Милков.
„Важна средба со мојот колега Милков од Република Бугарија со кого разговараме за тековните случување во односите меѓу двете држави при што заклучивме дека нема да дозволиме никој и било кои провокатори да ја киднапираат важната агенда која што сме ја договориле меѓу двете држави и се разбира договоривме една агенда на позитивни случувања во нареднит период, конструктивни проекти во функција на продлабочување на односите помеѓу државите како што се враќање на секторските работни групи, одржување на бизнис форум наскоро во Скопје и Софија се со цел да се врати позитивната динамика помеѓу нашите две држави“,
изјави Османи.
За потсетување, Министерството за надворешени работи попладнево соопшти дека еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на средбата со Османи најавил финансиски пакет за регионот во износ од една милијарда евра за ублажување на последиците на енергетската криза.
Како што информираат од МНР, Османи во своето обраќање на состанокот на шефовите на дипломатиите истакнал дека „крајно време е да ги здружиме заедничкиот регионален пазар и Отворен Балкан“.
Спогодбата за движење само со лични карти и уште два договори постигнати денеска меѓу шефовите на дипломатиите на Западен Балкан од страна на Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу, беше оценета како рушење на последниот „визен ѕид“ во регионот.