Говорејќи во тој контекст, во своето обраќање на министерскиот состанок во рамките на Берлинскиот процес денеска во Тирана, шефот на македонската дипломатија наведе три елементи каде што треба да бидат вклучени земјите кандидатки пред да станат полноправни членки на ЕУ. Да имаат пристап до политичките форуми на Европската Унија, додека во меѓувреме ги исполнуваат критериумите за членство кои се базирани на заслуги, пристап до заедничкиот пазар, како и пристап до структурните и кохезивните фондови на Унијата
Потребна се нова парадигма и нов пристап на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членство во Европската Унија (ЕУ), наместо досегашниот на „сè или ништо“, кој предизвикува фрустрации и кај кандидатките и кај земјите членки на Унијата. Ова го истакна шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на министерскиот состанок во рамките на Берлинскиот процес во Тирана, Албанија, која е актуелен претседавач со процесот.
Новата парадигма и пристап на кој се осврна Османи во своето обраќање и кон кој треба да биде преместен фокусот е повеќе интеграција пред конечно поплноправно членство во ЕУ.
„Берлинскиот процес е движечка сила за интеграцијата во ЕУ и мислам дека е важно да ја повторам потребата од поголема интеграција пред членство. Причината поради која процесот на проширување стана извор на фрустрации и за кандидатите и за земјите членки (на ЕУ) е пристапот со парадигмата ‘сѐ или ништо’ во процесот на пристапување кон ЕУ. Кандидатите не добиваат ништо додека не станат полноправни членки на ЕУ. Овој пат е долг и непредвидлив, станува збор за подвижна мета, политичарите не се доволно мотивирани затоа што не можат да испорачаат ништо за време на својот мандат, но исто така и граѓаните не се мотивирани затоа што не ги чуствуваат бенефитите на овој пат и стануваат ранливи на малигни влијанија и фрустрации“,
рече министерот за надворешни работи.
Фрустрирани од ваквиот пристап се и земјите членки на ЕУ, кои, како што рече Османи, се во конфликт и обременети од два страва – „стравот од нас и стравот да не нè изгубат“.
„Сè е околу фрустрациите креирани како резултат на само еден фокус, а тоа е полноправно членство. Затоа е потребно да го преместиме фокусот од овој моментум кон самиот процес. Еднаш реков, ако градите куќа и сте го завршиле првиот кат, не мора да го градите кровот, можете да почнете да живеете на првиот кат додека да бидат завршени вториот и третиот кат“,
рече тој.
Елаборирајќи го и аргументирајќи го својот став, шефот на македонската дипломатија наведе неколку примери за тоа што значи концептот на поголема интеграција пред членство.
„На пример, Северена Македонија 100 отсто е усогласена со надворешната политика на Европската Унија. Читам твит на Жозеп Борел во кој вели дека има состанок на шефовите за надворешни работи во Киев и велам Жозеп зошто не сум поканет во Киев. Која е наградата за мене што 100 отсто усогласен со заедничката безбедноста политика. Не велам дека на масата треба да имам право на глас, затоа што сè уште не сум член на Европската Унија, но моето место е таму. Така што, ти ќе ме запознеш подобро во текот на процесот и јас ќе те запознаат тебе и начинот на кој функционираш во текот на процесот. Тоа преставува концептот за поголема интеграција пред членство“,
посочи Османи.
Говорејќи во тој контекст, тој наведе три елементи во кои треба да бидат вклучени земјите кандидатки пред да станат полноправни членки на ЕУ. Да имаат пристап до политичките форуми на Европската Унија, додека во меѓувреме ги исполнуваат критериумите за членство кои се базирани на заслуги, пристап до заедничкиот пазар, како и пристап до структурните и кохезивните фондови на Унијата.
„Верувам дека со овој пристап ќе почнеме да стануваме дел од ЕУ без да го нарушиме чувството на Европската Унија за нејзината функционалност и ќе ги почувствуваме бенефитет на тој пат и кога ќе станеме членки, тоа нема да биде главна вест ниту на Балканот ниту во Европската Унија, затоа што практично ќе бидеме дел од Унијата“,
рече шефот на македонската дипломатија.
Османи во своето обраќање се осврна и на договорите за заеднички регионален пазар за мобилност кои беа постигнати за време на македонското претседавање со Берлиснкиот процес. Тој ги повика своите колеги од земјите на Западен Балкан да ја комплетираат ратификацијата на тие процеси со цел да им се овозможи на луѓето да ги користат бенефитите од договореното.
„Сè се сведува на заедничкиот регионален пазар. Мислам дека ова е првиот тест кој треба да го положиме бидејќи ако не се заложиме да стане функционален, тогаш не сме искрени за единствениот пазар“,
рече министерот за надворешни работи.
Тој на крајот од обраќањето, како последно, но не и помалку важно, се осврна на нападот на косовската полиција кај селото Бањска на северот на Косово, посочувајќи дека Србија и Косово ја имаат нашата поддршка за нормализација на односите.
„Мислам дека не можеме да го игнорираме нападот на северот на Косово, шокатниот насилен напад кој се случи, кој нѐ загрижува сите, и екскалацијата и повлекувањето на српската војска кое треба да е следено од утврување на одговорноста на сите инволвирани и целосна посветеност и имплементација на сите договори. Србија и Косово ќе ја имаат нашата целосна поддршка за нормализација на односите, затоа што наша заедничка цел е да се превенира сличен дестабилизирачки настан кој може да нѐ однесе на опасен пат кој може да предизвика влошување на регионалната безбедност и демократија“,
подвлече Османи во своето обраќање на министерскиот состанок во Тирана, на кој учестуваше и шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок.