Дали ќе се постигне договор, вели министерот, зависи од три фактори: дали техничката влада во Бугарија има мандат да носи такви одлуки; каде ќе биде сместен во патоказот (во Советот за стабилизација и асоцијација или во преговарачката рамка); и која ќе биде содржината на патоказот
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, вели дека е очигледна зголемената активност на земјите-членки на ЕУ во однос на прашањето за Северна Македонија, и францускиот претседател Емануел Макрон и други официјални лица од Унијата имаат јасен став дека прашањето за кредибилитетот на европската идеја се сведува на нашата земја, но сепак, нагласува дека останува проблемот со Бугарија и не може да каже дали може да има решение до 22 јуни кога ќе се одржи Советот на Европа.
„Ако на ова перфектно досие не се одговори позитивно, навистина создава сомнеж во регионот колку е веродостоен овој проект. Мислам дека тоа го чувствуваат земјите-членки, јавно ја вреднуваат нашата работа и постигнувања, со квалификации кои се невообичаени од тимот дека нашата приказна станува модел за прогрес на земјите од регионот кон ЕУ, меѓутоа остануваат разликите со Република Бугарија. Јас не сум во состојба во моментот да кажам каков ќе биде исходот на 22 јуни … Ние работиме како да тоа ќе се случи, но не можам да ги кренам очекувањата на граѓаните бидејќи е неизвесно затоа што нејасно е дали во Бугарија има политички мандат и дали ќе има договор по однос на португалскиот предлог“,
изјави Османи.
Министерот нагласи дека комуникациите помеѓу македонската и бугарската страна продолжуваат, а во понеделник нашата делегација ќе се сретне со претседателот на Бугарија, Румен Радев, на Самитот во НАТО, како и дека за неколку дена тој ќе се сретне со шефот на бугарската дипломатија, Светлан Стоев, на самит во Турција.
„Ќе се обидеме да има и други дополнителни средби бидејќи деновите се малку. Сакаме да го искористиме секој час, секоја можна минута за да испорачаме решенија кои може да го деблокираат процесот“,
изјави Османи.
Тој повтори дека се работи на две патеки. Едната е билатерална и на неа наши дипломати комуницираат со бугарските колеги во обид да ја организираат втората меѓувладина комисија и да го договорат патоказот. Втората, пак, е преку португалското претседателство односно работата на португалскиот предлог.
Дали ќе се постигне договор, вели Османи, зависи од три фактори: дали техничката влада во Бугарија има мандат да носи такви одлуки; каде ќе биде сместен во патоказот (во Советот за стабилизација и асоцијација или во преговарачката рамка); и која ќе биде содржината на патоказот.
Шефот на дипломатијата нагласува дека прашањето за содржината е она на кое се работи билатерално, додека преку португалското претседателство и предлог се работи на останатите две прашања. Она на што потсети тој, е дека ЕУ е на став дека билатералните прашања не треба да влезат во процесот на преговори и дека португалскиот предлог е креативно решение кое не го предвидува тоа туку предлага мониторингот да биде преку Советот за стабилизација и асоцијација.
„Португалското претседателство предвидува решение за мониторинг во една платформа која е заснова со консензус со што се адресира барањето на Бугарија за одржливи и неповратни резултати бидејќи ќе се мониторира во тој Совет. Ние немаме против таквото решение затоа што сметаме дека не бегаме од обврски и без мониторинг, но доколку тоа значи повеќе доверба на Бугарија, еве Советот за стабилизација и асоцијација е добро решение притоа зачувувајќи ги принципите и на нашата земја и на ЕУ дека тоа нема да биде дел од преговарачките процеси. Не само заради нас туку се воспоставува преседан кој утре ќе ги блокира сите земји во регионот“,
рече Османи.