Премиерот Зоран Заев, пак, изјави дека пред 11 Октомври разговарал со бугарскиот премиер Бојко Борисов, кого го нарече свој пријател и брат
Не треба да бидеме дел од предизборниот политички дискурс на соседна Бугарија, одговори денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи во врска со можноста са се испрати протестна нота за последните изјави на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.
На денешната прес-конференција со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Никола Димитров, по онлајн средбите со челниците на институциите на ЕУ, Османи, одговарајќи на прашање дали ќе има официјална реакција за настапите на Каракачанов, Османи рече дека токму нашите реакции на оваа изјава имаат интенција да бидат искористени во предизборна кампања.
„Не треба да бидеме дел од предизборниот политички дискурс на соседна Бугарија, за потоа нашите реакции да се искористат во рамки на една предизборна кампања. Мислам дека тоа не е она што сакаме да го постигнеме и дека тоа не би било добро и за двете земји“,
изјави Османи.
Премиерот Заев, пак, оцени дека неговата влада, во изминатите три години постигнала светлосен напредок на патот кон ЕУ и во надминувањето на блокадите, одговарајќи на новинарско прашање дали размислува за оставка, во случај на „вето“ од Бугарија, а со оглед на тоа што членството во Унијата било главно ветување во изборната кампања на СДСМ.
„Со сета почит, ама не се согласувам со аспектите на ваквото прашање. Ние постигнавме сериозни успеси во надминувањето на препораките и светлосен напредок на патот кон ЕУ, така што, по 15 години, добивме и одлука за почеток на преговорите. Сепак, членството во ЕУ не беше главно ветување на изборите, затоа што тоа е нешто што само по себе се подразбира, тоа е наша стратешка цел. Нашите главни ветувања беа за справување со ковид-19, за владеење на правото, борба против корупцијата“,
одговори Заев.
Тој информира и дека пред празникот 11 Октомври разговарал последен пат телефонски со бугарскиот премиер Бојко Борисов, кого го нарече свој пријател и брат.
„Некаде пред 11 Октомври разговарав со мојот пријател и брат. Разговаравме за економската соработка, Берлински процес, како да ги охрабриме двата тима во заедничката комисија. Потоа не сме разговарале, но не е проблем да комуницираме во кое било време ако има потреба“,
рече Заев.