Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во интервју за ТВ21 рече дека францускиот предлог не е одбиен, туку само оној дел кој е спорен за Македонија.
„Францускиот предлог, спорниот елемент, спорното прашање не го стави во документот како финално решение – го стави во заграда. Што значи дека тоа не е конечен предлог на француското претседателство, затоа не можам да кажам дека ние документот не го прифативме. Ние не го прифативме тој дел кој што е спорен за нас“,
изјави Османи во емисијата „10 Минути“.
Османи рече дека францускиот предлог е прифатлив, ако се најде решение за протоколите.
„Доколку се најде решение за ова спорно прашање со протоколите, останатиот дел од францускиот предлог е решение кое е прифатливо за нас“,
рече Османи.
Шефот на дипломатијата рече и дека на патот кон Европската Унија не треба во фокусот да бидат билатерално–историските прашања. Според него, европскиот пат треба да биде за европеизација.