Планирам кон средината на јануари првата посета да ми биде на Киев откако на 12 јануари во Виена ќе ги презентирам приоритетите на нашето претседавање, рече Османи одговарајќи на новинарско во кое, меѓу другото, беше нотирано дека руското МНР на 18 декември испрати директна порака до Скопје да не се движи по патот на Полска (која претходно претседаваше со ОБСЕ), на која не ѝ успеа да постигне консензус
Османи, одговарајќи, откри дека пред неколку недели добил писмо од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со овие пораки, но дека неговиот одговор и до шефот на руската дипломатија и до сите други е еден и константен – принципите и заложбите на ОБСЕ мора да се почитуваат
Првата дестинација што ќе ја посети шефот на дипломатијата Бујар Османи како претседавач со ОБСЕ ќе биде Киев откако на 12 јануари во Виена ќе ги презентира приоритетите на нашето претседавање со Организацијата, рече тој одговарајќи на прашања на денешниот брифинг со новинарите.

Претходно, на брифингот Османи истакна дека Украина ќе доминира со претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и потсети дека во моментов во Украина нема мисија на ОБСЕ затоа што Русија стави вето. Северна Македонија како претседавач, посочи Османи, ќе треба да најде начин повторно да ја врати Организацијата во Украина.
„Да, планирам првата посета како претседавач на ОБСЕ да ми биде Украина затоа што верувам дека Украина веројатно ќе го доминира претседавањето иако се надевам ќе се сменат околностите во текот на годината, па ОБСЕ ќе има една поинаква улога во воспоставување на мирот и прекинување на агресијата. Планирам, кон средината на јануари првата посета да ми биде на Киев, откако на 12 јануари во Виена ќе ги презентирам приоритетите на нашето претседавање“,
рече министерот за надворешни работи одговарајќи на новинарско прашање, во кое, меѓу другото, беше нотирано дека руското МНР на 18 декември испрати директна порака до Скопје да не се движи по патот на Полска (која претходно претседаваше со ОБСЕ), на која не ѝ успеа да постигне консензус околу овие прашања.
Османи, одговарајќи, откри дека пред неколку недели добил писмо од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со овие пораки, но дека неговиот одговор и до шефот на руската дипломатија и до сите други е еден и константен.
„Прво малку знаат дека ОБСЕ кога е формирано било иницирано, идеја на руската дипломатија. Руската дипломатија ја има иницирано потребата за паневропска конференција која ќе разговара за безбедност. Прво наидувала на отпор, па како се развивале околностите се постигнува договор помеѓу Западот и Истокот кои велат – да, сега сега е време, се договараме за овие принципи, ги почитуваме и понатаму од конференција прераснува во организација. Прво, интерес да постои ОБСЕ имаме сите, второ ОБСЕ се покажа како ефективна и успешна со својот специфичен инструментариум кој го нема ниту една организација, нема друга организација која има таква експертиза за сите циклуси на конфликти – спречување, постигнување договори, рехабилитација. Од тоа корист имаат видено сите земји учеснички во последните 50 години. Тоа што мене ми беше важно е да потврдиме сите дека ОБСЕ е важна, јас не сум слушнал ниту една земја учесничка која вели дека ОБСЕ не е важна“,
изјави Османи.
Каква ќе биде комуникацијата со Русија и дали таа ќе се претвори во некаков суштински дијалог, рече шефот на дипломатијата, ќе зависи од тоа кој ќе биде односот на Москва кон принципите и заложбите на Организацијата и тука ние како претседавач нема да дозволиме никакви компромиси.
„Комуникација со Русија – да, ќе има во Виена, амбасадорите се во постојано комуникација, но им е јасно укажано дека треба да се вратиме кон почитување на заложбите и принципите на ОБСЕ, а потоа да видиме како може да се претвори тоа во еден суштински дијалог на вредности“,
повтори Османи во одговорот на новинарското прашање.
Тој воедно соопшти дека во нашата мисија во Виена има околу 11 луѓе кои се испратени од Скопје. Меѓутоа, додаде тој, во таа наша мисија и други земји имаат испратено нивни дипломати, експерти кои се дел од нашата екипа.
„Засега има меѓу пет или седум, меѓутоа работиме да обезбедиме уште за различни теми, различни експертизи. Јас имам овде помош од експерти, странски и домашни кои ги покриваат разните меѓународни организации. Нема да оставиме несвртен камен за да постигнеме резултати, но никако газејќи врз принципите и заложбите на ОБСЕ“,
порача Османи.
За прашањето со Украина, дека официјален Киев очекува поддршка од ОБСЕ за време на претседавањето на Северна Македонија со организацијата, пред два дена јасно порача и украинскиот премиер Денис Шмихал во честитката до неговиот македонски колега Димитар Ковачевски.

„Северна Македонија го презема претседавањето со ОБСЕ за 2023 година. Честитки до премиерот Димитар Ковачевски. Сметаме на континуирана соработка со ОБСЕ, понатамошна координација и поддршка за Украина“,
напиша украинскиот премиер на Твитер.
North Macedonia ?? takes over as @OSCE Chair for 2023. Congratulations to PM @DKovachevski! We count on continued cooperation with the OSCE, further coordination and support for Ukraine ??.
— Denys Shmyhal (@Denys_Shmyhal) January 2, 2023