Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и српскиот претседател Александар Вучиќ на денешната средба во Белград разговарале за успешните соработки меѓу двете земји кои ги окарактеризирале и како важни примери за регионот.
Како што соопштија од кабинетот на Вучиќ, се разговарало и за зајакнување на добрососедските односи меѓу двете земји, преку решавање на сите прашања преку дијалог, подобрување на економската соработка и взаемна поддршка на европскиот пат.
„Претседателот Вучиќ рече дека добрите односи меѓу Србија и Северна Македонија се од најголема важност за целиот регион и го посочи ‘Мини Шенген’ како пример за успешна соработка, за доброто на граѓаните и од економска корист на земјите кои се активно вклучени во таа иницијатива. Тој ја издвои важноста на меморандумот потпишан од Србија, Северна Македонија и Албанија, кој овозможува заемна помош и соработка на здравствените системи за лекување на пациенти со ковид-19“,
се вели во соопштението.
Српскиот претседателот како позитивни примери за подобра економска соработка ги навел и модернизацијата на пругата кон Скопје и зајакнување на инфраструктурата на граничните премини.
Министерот Османи потенцирал дека донацијата на вакцините против ковид-19 од Србија разбудила нова надеж кај македонските граѓани. Претходно, Османи во интервју за српска „Политика“ во пресрет на посетата на Белград, рече дека донацијата претставува начин за зајакнување на пријателството меѓу двете земји и одличен пример за односите во регионот.
„Овој чин го зајакнува пријателството меѓу нашите земји и носи позитивна енергија во регионот. Пандемијата е глобален проблем, а глобалните проблеми бараат глобални решенија. Затоа, нашата позиција е дека е потребен мултилатерален пристап во кој ќе доминираат соработката и заедништво. Соработката помеѓу Северна Македонија и Србија влева надеж дека со ваква симболика ќе ги охрабриме сите во регионот да мислат и на другите“,
вели Османи.
Посетата во Србија на македонскиот шеф на дипломатијата предвидува и состаноци со министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, со претседателот на Народното собрание Ивица Дачиќ и со премиерката Ана Брнабиќ.