Во рамки на посетата на Берлин, министерот Османи, претходно денеска, во Бундестагот имаше средби со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, како и со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој се наоѓа во работна посета на Германија, денеска одржа средба и со државната министерка за Европа во германското МНР, Ана Лирман, информираат од македонското МНР.
Османи по средбата се огласи и на Фејсбук, каде напиша дека Берлин и натаму е предводник на европската перспектива на Северна Македонија.
„Европската интеграција на државите од Западен Балкан стана безбедносно прашање и неговото заокружување е придонес во опстојувањето на европската безбедносна архитектура. Берлин останува предводник на европската перспектива на Северна Македонија и целиот регион. Почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија е високо на агендата на германското МНР и Влада“,
напиша Османи.
Османи на средбата истакнал дека е време Унијата да покаже посветеност кон земјите од Западен Балкан кои веќе се однесуваат како земји членки.
„Северна Македонија одамна ги исполни сите услови за старт на преговорите и, дополнително, постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, придружувајќи се кон сите санкции во поглед на руската инвазија на Украина и време е и Европската Унија да покаже подеднакво ниво на посветеност кон државите од Западниот Балкан кои веќе се однесуваат како ЕУ членки“,
истакнал министерот Османи за време на средбата со Лирман, информираат од нашето МНР.
Во рамки на посетата на Берлин, министерот Османи, претходно денеска, во Бундестагот имаше средби со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, и со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања, при што, исто така, бил реафирмиран германскиот ангажман и поддршка на европскиот пат на Северна Македонија.
Од Берлин Османи утре ќе отпатува за Софија.