По седум месеци, шефот на дипломатијата повторно ќе зборува за спорот со Бугарија и обидите за негово надминување пред Комисијата за надворешни работи, но овој пат во поинаква констелација на односи и во друг политички контекст и во двете земји
Шефот на дипломатијата Бујар Османи в петок ќе присуствува на седница на собраниската Комисија за надворешни работи откако претседателот на ова тело, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, го покани да ги презентира одговорите што македонската страна ги испратила до официјална Софија за таканаречениот план „5+1“.
Од кабинетот на Османи соопштија за медиумите дека тој го потврдил присуството на Комисијата за надворешна политика на 28 јануари. Одговорот, како што велат, е доставен до претседателот на надлежната собраниска комисија.

Претходно, Милошоски соопшти дека испратил писмо до министерот за надворешни работи да реферира пред Комисијата за надворешна политика во Собранието и да ги достави одговорите што македонската страна ги има испратено до Бугарија. Во писменото барање беше предложено седницата на собраниската Комисија да биде отворена за јавноста и да се одржи што е можно поскоро или од 26 јануари до 15 февруари годинава.
Претседателот Стево Пендаровски, набрзо по посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, излезе со став дека петте работни групи ќе бидат новата методологија за работа со Бугарија наместо планот „5+1“.
„Нема повеќе план ‘5+1’ или предлог на кој чекаме одговори, па ќе дадеме наши. Тој план излезе после пропаднатиот Лисабонски предлог. Не добивме никаков одговор, иако сметавме дека тоа е добра почетна точка за понатамошни разговори. Откако пропадна тоа, дури ни формално Бугарија не соопшти на своите членки зошто го прави тоа. Се обидовме со мини пакетот 5+1 да ги одблокираме разговорите. По изборот на новата бугарска влада, се предложи пет комисии да работат и ние се согласивме со тоа. ‘Пет плус еден’ е ад акта. Ја спорам тезата дека нешто сме дале за да добиеме нешто за возврат“,
рече Пендаровски.
Прашањето за употребата на краткото име на земјава, што неодамна беше „симнато од дневен ред“, всушност, е една од 5+1 точките за кои Скопје и Софија се усогласуваа подолг период. Односно, една од точките од „агендата“ што бугарскиот претседател Румен Радев ја наметна на самитот за Западен Балкан во Брдо кај Крањ, предвидуваше С Македонија да докаже дека нема територијални претензии кон Бугарија со користењето на краткото име на земјата.
Другите четири точки предвидуваат немешање во внатрешните работи на Бугарија, историската комисија да се состанува барем пет пати во годината, да се осудат актите на комунизмот и да се реагира кон говорот на омраза. Дополнителната точка, пак, се однесува на можноста за внесување на бугарската етничка заедница во македонскиот Устав пред земјата да стане членка на ЕУ.
Османи и кон средината на минатата година, на покана на Милошоски, реферираше пред собраниска Комисија за надворешни работи за спорот со Софија. Тоа беше во периодот кога Бугарија имаше техничка влада, додека трипати едно по друго се одржуваа парламентарни избори, во обид да се состави политичка влада.