Османи вели дека државата во денешен контекст е исправена пред нови предизвици, но станувањето на 30. земја членка на НАТО ја потврдува правилната патека на градење заедништво и интеграција, следејќи ги вредностите кои ги симболизира Илинден
Илинден е важен ден во историски контекст за нашата земја, важен празник преку кој го негуваме значењето на вредностите на Крушевскиот манифест и Асномските заклучоци, кои заедно со Охридскиот рамковен договор ги вреднуваме како столбови во изградбата на нашата заедничка држава, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи во видеообраќање по повод денешниот празник.
Османи вели дека државата во денешен контекст е исправена пред нови предизвици, но станувањето на 30. земја членка на НАТО ја потврдува правилната патека на градење заедништво и интеграција, следејќи ги вредностите кои ги симболизира Илинден.
„Онака како што преку Охридскиот рамковен договор ја зацврстивме внатрешната интеграција, онака како што преку договорот од Преспа ги надминавме разликите со нашиот сосед Грција, така и преку имплементација на Договорот за пријателство ќе ги надминеме и разликите со нашиот сосед Бугарија“,
вели Османи додавајќи дека Илинден е важен и за соседите во Бугарија.
„За жал во минатото, а неретко и во сегашноста, тоа најчесто преставувало причина за раздор и несогласување, наместо да биде точка која ќе спојува и обединува. Во денешниот современ контекст, наша обврска е од Илинден да направиме токму тоа – точка која ќе нѐ поврзе, празник кој ќе нè обедини, историски настан преку чие заедничко одбележување ќе покажеме меѓусебна почит и меѓусебно признание. Изразувајќи почит кон различноста, кон различниот поглед на историските текови, денес преземаме обврска да создадеме современи општествени текови кои ќе овозможат заедничка иднина за граѓаните на двете држави. Преку засилена секторска соработка им овозможуваме на граѓаните, на бизнисите, на уметниците и сите останати општествени чинители да ги надградуваат меѓусебните релации без разлика на политичките разлики. Паралелно, преку работата на мешовитата експертска комисија ќе продолжиме да ги бараме точките кои нѐ поврзуваат, отстранувајќи ги разликите кои не оддалечуваат“,
вели Османи.
Додава дека секој граѓанин во земјава има право слободно да се изрази доколку себеси се чувствуваат како дел од бугарскиот народ, почитувајќи го притоа и нивниот различен поглед кон заедничката историја. Но, Османи вели дека тоа на ниту еден начин не смее и не може да прерасне во наметнување на овој поглед врз граѓаните кои имаат различна перспектива кон заедничката историја.
„Посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик претставуваат реалност во секоја смисла, а Македонците, како и сите други народи, имаат право на сопствени чувства, на сопствени убедувања и сопствен поглед кон историските настани и контексти – колку и да се тие заеднички. Затоа е Илинден важен и денес. Затоа што преку одбележување на историските настани кои нѐ поврзуваат, изразуваме почит кон современите посебности“,
вели Османи.