Имајќи го предвид периодот на оставката, јасно е дека е политички компромитиран процесот во неговиот случај и тој договор треба да се прекине и да се најде нов член, вели министерот за надворешни работи
Шефот на дипломатијата Бујар Османи донел одлука да се прекине договорот со професорот Ванчо Ѓоргиев, кој беше член на Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, а кој пред две недели најави оставка од Комисијата, поради, како што напиша, директни мешања на висок функционер од МНР во работата на Комисијата.
Министерот Османи во изјава за „Слободен печат“ вели, дека тогаш најавил истрага во врска со обвинувањата на Ѓоргиев, а откако се покажале како неосновани, одлучил да го смени.
„Професорот не ја поднесе формално оставката, но јас донесов одлука да се прекине договорот, бидејќи тој дозволи меѓу два изборни круга политиката да влезе и сериозно да ја компромитира Комисијата. Посебно што аргумент ни е ставот на другите членови, кои едногласно кажуваат дека никогаш немало притисоци од Владата или од МНР и дека се изненадени од таквиот став. Имајќи го предвид периодот на оставката, јасно е дека е политички компромитиран процесот во неговиот случај и тој договор треба да се прекине и да се најде нов член. Јас очекувам самата комисија да ми предложи нов член, тие ги знаат експертите, знаат од која област им фали, а јас потоа да го предложам до Владата“,
вели Османи за „Слободен печат“.
Кога Ѓоргиев најави дека се повлекува од Комисијата, во соопштението за оставката, обвини дека висок функционер на МНР се мешал во стручната работа на тогашниот последен состанок на историчарите.
Тогаш и Османи Владата ги отфрлија ваквите наводи, а реагираа и колегите на Ѓоргиев наведувајќи дека се изненадени. Научните принципи во работата на Комисијата, рекоа останатите членови на Комисијата, биле, се и ќе останат непроменети и не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии.