Ваквиот чекор, му рекол министерот за надворешни работи на својот украински колега, е уште една потврда за континуираната поддршка што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина во борбата за правда и слобода
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска телефонски разговарал со својот украински колега Дмитро Кулеба, при што му ја пренел одлуката на земјава за приклучување кон основачката група за формирање специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина.
Ваквиот чекор, му рекол Османи на Кулеба, е уште една потврда за континуираната поддршка што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина во борбата за правда и слобода.
„Руската агресија мора што поскоро да престане, а извршителите на воените злосторства мора да бидат изведени пред лицето на правдата“,
нагласил Османи во телефонскиот разговор со шефот на украинската дипломатија.

Во телефонскиот разговор со својот украински колега, Османи ја реафирмирал цврстата и бескомпромисна поддршка што земјава ѝ ја дава на Украина во поглед на нејзиниот суверенитетот и територијалниот интегритет, притоа упатувајќи силна осуда за руската воена инвазија.
„Северна Македонија има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија, вклучително и поддршката за украинскиот народ во справување со предизвиците од руската агресија“,
посочил Османи.
Теми на разговорот меѓу Османи и Кулеба биле и претседавањето на земјава со ОБСЕ, како и актуелните безбедносни состојби во Украина и Европа.