Од МНР посочуваат дека работата на мешовитите комисии подолг временски период е забавена, поради објективни причини, односно ковид-кризата и изборите во земјава
Експертските комисии со Грција и со Бугарија, кои се формирани согласно со Преспанскиот и со Договорот за добрососедство, ќе продолжат со работа во најбрз можен рок, по застојот поради ковид-кризата и превремените парламентарни избори во земјава, а во пресрет на почетокот на преговорите со ЕУ
Ова го најавуваат од кабинетот на новиот шеф на дипломатијата Бујар Османи, кој денеска остварил одвоени средби со македонските членови на трите билатерални комисии: на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања со Грција; на Меѓународната група на експерти за имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци со Грција, како и на Заедничката мултидисциплинарна експертска Комисија за историски и образовни прашања со Бугарија.

„Веќе подолг период, соочени со предизвиците од пандемијата и последните парламентарни избори, од објективни причини е забавена работата на комисиите. Имајќи ја предвид важноста на овие теми, нашиот приоритет за активен придонес во продлабочување на добрососедските односи, а во согласност со Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, очекуваме овие комисии да продолжат со работа. Да имаме еден вид рестарт на нивните активности и со тоа да се придонесе во надградбата на довербата“,
истакнал Османи.

Како што соопшти Миниството за надворешни работи, Османи посочи дека се преземаат сите потребни активности и подготовки во најскоро време на комисиите да им биде овозможено продолжат со работа, а што ќе биде предмет на координација со дипломатиите на Грција и на Бугарија.