„Впрочем и во ДУИ има разногласие. Едно говори Талат Џафери, дека уставните измени може да не се стават на гласање во август, друго говори Бујар Османи. Изгледаат како раштиман оркестар“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ
Секое излегување на Бујар Османи на јавна сцена е посмешно и поконтрадикторно од претходното. Еднаш велеа дека имаат мнозинство за уставни измени, а сега велат дека им фалеле само осум пратеници. вака реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Вистината е дека наместо тоа, се појавуваат пратеници од владејачкото мнозинство, вклучително и од СДС кои се против уставните измени под вакви услови и под бугарски диктат. Впрочем и во ДУИ има разногласие. Едно говори Талат Џафери дека уставните измени може да не се стават на гласање во август, друго говори Бујар Османи. Изгледаат како раштиман оркестар. Нека седнат и нека се договорат прво самите со себе“,
велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат оти секогаш кога Ковачевски, Османи или Маричиќ ќе излезат во јавноста и нервозно говорат за уставните измени, тоа значи дека измените се сѐ подалеку.
„Единствено кое што е извесно е дека решението се предвремени избори на кои граѓаните суверено ќе одлучат кој концепт е прифатлив за нив. И Османи и Ковачевски нека не се плашат од соочување со народот“,
порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мислам дека недостасуваат околу осум пратеници, одговори шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на прашањето колку пратеници му недостасуваат на владејачкото мнозинство за гласање за уставните измени.
Прашан како ќе ги обезбедат тие осум пратеници, Османи не одговори конкретно, туку рече дека треба да се почека расправата што формално почна во Собранието да почне да го даде својот ефект.