Во фокус на разговорите меѓу шефот на дипломатијата и министерката за европски прашања на Кралството Шведска бил европскиот пат на земјава и воопшто на земјите од регионот, со фокус на шведското претседателство со Советот на Европската Унија
Потребни ни се јасни знаци дека проширувањето на европското семејство до 2030 година е возможна мисија, порачал министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата со министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Јесика Росвал, која е во посета на земјава.
Проширувањето на Унијата со земјите кои ги исполнуваат критериумите за членство, додал Османи, е витално како за конкретните земји така и за самата Унија.

Во фокус на разговорите меѓу Османи и Росвал бил европскиот пат на земјава и воопшто на земјите од регионот, со фокус на шведското претседателство со Советот на Европската Унија.
„Османи накратко брифираше за нашиот пристапен процес, со акцент на одвивањето на скрининг-процесот и подготвителните активности во државата во насока на исполнување на предвидените обврски пред одржувањето на втората Меѓувладина конференција со ЕУ и отворањето на преговарачките кластери. Исто така, ја реафирмира заложбата на нашата земја да продолжи со дијалогот со Бугарија врз основа на заемно почитување и разбирање“,
се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Министрите разговарале и за перспективата на политиката за проширување на ЕУ со фокус на идеите за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан, како чекор кон подобрување на демократскиот развој, зголемување на економските можности, како и помагање на процесот на помирување во регионот.