Нема да има недостиг на електрична енергија во производството на АД ЕСМ, бидејќи капацитетите работат според планот и се компензира секое отстапување на одреден капацитет, уверуваат од државната компанија
Термоелектраната „Осломеј“ од превентивни причини е исклучена од работен режим по забележана појава на вибрации во системот во делот на вентилацијата, кој минатата недела беше зафатен со пожар, соопштија денеска од државната ЕСМ.
„Се вршат повторни проверки од страна на надворешната овластена фирма и се очекува набрзо пречката да биде отстранета и термоцентралата да биде вратена на мрежа. Нема да има недостиг на електрична енергија во производството на АД ЕСМ, бидејќи капацитетите работат според планот и се компензира секое отстапување на одреден капацитет“,
информираат од АД ЕСМ.
Во прилог на тоа, оттаму додаваат дека изминатото деноноќие произведени се 17.454 мегават часови електрична енергија што, наведуваат, ги надминува потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.
За потсетување, до пожарот минатата недела дојде поради самозапалување на јаглен поради што ТЕЦ „Осломеј“ беше исклучена, а по санациите повторно пуштена во употреба. Тогаш вонреден надзор изврши Државниот инспекторат за животна средина од каде соопштија дека на самото место се гледале траги од изгорен јаглен при пожарот и дека причината е поголема количина на шљака која била собрана во печката.