Поради безбедносни причини блокот бил веднаш исклучен, а ќе се рестартира откако ќе се направи детална проверка на настаната штета и откако ќе се санираат настанатите оштетувања кои веројатно ќе потраат неколку денови
Државниот инспекторат за животна средина денеска извршил вонреден инспекциски надзор во РЕК „Осломеј“ по добиена информација за пожар.
При надзорот Инспекторатот составил Записник за констатација во кој се констатира дека во термоелектраната РЕК „Осломеј“ бил настанат пожар на 24.12.2022 година околу 20:15 часот, истиот, според изјава на директорот на Термоелектраната, е локализиран околу 21:15 часот.
„При увидот на лице место се гледаа траги од изгорен јаглен од настанатиот пожар, кој се отстрануваше од страна на работници на РЕК „Осломеј“. Настаниот пожар бил на местото каде паѓа шљаката од печката до преносниот дел на шљаката која се пренесува до одшљакивачот од каде со преносниот систем на отстранување на мешавината на шљака и вода се пренесува до окната на рудникот за јаглен во Осломеј. Причина за настаниот пожар е поголемета количина на шљака која била собрана во печката и при излез во одшљакивачот била прелеана до местото каде се наоѓа јагленот при што е дојдено до појава на опожарување на истиот и пожар“,
се вели во соопштението од Инспекторатот.
Поради безбедносни причини блокот бил веднаш исклучен.
„Блокот ќе се рестартира откако ќе се направи детална проверка на настаната штета и откако ќе се санираат настанатите оштетувања кои веројатно ќе потраат неколку денови. РЕК Осломеј кога ќе се пушти повторно во работа ќе го извести навремено Инспекторатот“,
додаваат од ДИЖС.
Од ЕСМ соопштија дека ќе се пристапи кон санирање во делот на вентилацијата на отпепелувањето и се очекува електраната да биде вратена на мрежа во најбрзо време и да работи според планот за производство, за што е обезбедена доволна количина набавен јаглен и јаглен од сопствен ископ на РЕК „Осломеј“.
ТЕЦ Осломеј беше вклучен на мрежа на 3 декември. Во претходниот период се вршеа неопходни дополнителни ремонтни активности, особено на млиновите и каналите за јагленова прашина кои се најизложени на влијанието на користењето јаглен од различни наоѓалишта.