Денешната прес-конференција на членови на ДОМ и барањето за оставка на претседателката, доаѓа по настаните на почетокот на неделава кога беше разрешена директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска и на нејзино место беше поставен Сретен Стојковски, друг кадар на ДОМ
Седумнаесет општински организации на ДОМ денеска на прес-конференција побараа оставка од претседателката Маја Морачанин. Така барем стои во писмената изјава што денеска ја прочитаа од ОО на оваа партија во Битола.
„Ние зелените од 17 општински организации се дистанцираме од недемократските одлуки и постапки на раководството на ДОМ и претседателката Маја Морачанин. Сакаме да повикаме на оставка на Морачанин како најодговорна за уништување на единствената зелена партија. Пред целата јавност изјавуваме дека нашето дистанцирање е поради недемократските, нестатутарни и нечовечки постапки на Морачанин и елитистите кои ја киднапираа единствената зелена партија во Македонија. Тоа друштво веќе не ги застапува зелените политики туку одработува за нечии интереси и се труди да ја уништи ДОМ како зелена партија. Маја Морачанин и тие се интересираат само да приграбат свои позиции и жестоко се пресметуваат со секој неистомисленик“,
се вели во писмото што го прочита Ристенка Алтипармаковска од ОО на ДОМ Битола.
Морачанин, пак, тврди дека лажно се прикажува незадоволство на 17 општински организации, чии членови не се ниту запознати ниту консултирани за оваа прес-конференција.
„Не е точно дека 17 општински организации бараат оставка, бидејќи тоа се 10 индивидуи, а општинските организации и членовите не биле консултурани, немало ни состанок ниту биле информирани. Тоа не е став на 17 општински организации, туку лични ставови од личен интерес и политичка позадина. Многу е симптоматично што сите овие напади врз ДОМ доаѓаат кога се почнати подготовките за локални избори и сигурна сум дека во позадина има и некои други интереси. Обвинувањата дека во ДОМ нема демократија се неосновани, а ако се повикуваат на демократија би било фер да ги повикаат сите членови“,
изјави Морачанин за ТВ 24.
Денешната прес-конференција на членови на ДОМ и барањето за оставка на претседателката доаѓаат по настаните на почетокот на неделава кога беше разрешена директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска и на нејзино место беше поставен Сретен Стојковски, друг кадар на ДОМ. Нема образложение зошто Петровска е разрешена токму на денот кога го презентираше извештајот за нејзиното шестмесечно работење.
Внатрепартиските превирања во ДОМ добија јавност кон средината на мај годинава кога Петровска и на Мирослав Богдановски, останаа без партиските функции.
На тогашната седница на Централниот одбор на партијата, со мнозинство гласови, им беше изгласана недоверба, со што Петровска и Богдановски ги изгубија позициите потпретседатели и членови на Извршниот одбор. Причината, како што тогаш наведоа од ДОМ, е нелегитимна иницијатива за одржување вонреден партиски конгрес.
Подоцна, Богдановски најави дека ќе дејствува како независен пратеник, а потоа поднесе и оставка.
Разрешувањето на Петровска наиде на многу негативни реакции.
За да се разреши некој од раководна позиција потребно е да се има добро образложение за тоа, вели претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска.
Во изјава за „360 степени“, Ивановска прашува кон што цели државата ако се разрешуваат кадри што постигнале позитивни резултати во работењето. Посочува дека и натаму политиката има силно влијание и во поставувањето и во разрешувањето раководни лица.
Истражувачот од Институтот за демократија, Миша Поповиќ, е со сличен став. Потенцира дека именувањето и разрешувањето на раководни лица треба да биде врз основа на професионални стандарди, квалификации и компетенции.
Алијансата „Разбистри сè“ вели дека Морачанин ги злоупотребува наодите на Алијансата за работата на ДИЖС.