Локалните инспектори на Општина Центар издадоа решенија против два локали на територија на општината поради надминување на граничните вредности на бучава.
„По извршените мерења во одредени локали, инспекторите констатираа повисоки вредности од максимално дозволените гранични во ноќен период, по 23:00 часот, а уште два локали, ‘Гнездо’ и ‘Интермецо’, добија Решенија за преземање мерки за намалување на вредноста на имисионото ниво на бучавата во животната средина. По добивањето на Решенијата, угостителите имаат законски рок од 8 дена да постапат по нив“,
информираа од Општината.
Изминатата седмица општинските инспектори издадоа две решенија за преземање на мерки за намалување на бучавата на два угостителски објекти, „Мош” и „Макка“, а од општината најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови.
„Општина Центар апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во Општина Центар, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина. Во спротивно, за сите измерени надминувања на граничните вредности на бучава, ќе се преземат законски пропишаните мерки и на угостителските објекти ќе им бидат изречени поригорозни казни, во согласност со Законот за заштита од бучава во животна средина“,
се вели во соопштението.