Од Општината посочуваат дека во споредба со актуелниот план, придобивките што се очекуваат од Конкурсот се зголемување на површината за јавни функции до 47 отсто, локација за нова детска градинка со капацитет за 250 деца, детски и спортски игралишта и зачувување на зелениот фонд, согласно новиот Правилник за урбанистичко планирање
Конкурсот за избор на идејно решение за локацијата кај поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје од денеска е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки и на веб-страницата на Општина Центар.
Со конкурсот Општината планира да ја спречи реализацијата на стариот Детален урбанистички план од 2012 година, кој со падот на мораториумот се врати во сила, а со кој се предвидува на оваа локација да никнат триесетина згради.
Конкурсот е отворен до 1 септември 2021 година, а како што посочуваат локалните власти и дел од стручната фела која го иницираше ова решение, има за цел да најде компромис меѓу приватниот и јавниот интерес и да воспостави нова пракса во урбанистичкото планирање.
Од Општина Центар во денешното соопштение до јавноста посочуваат дека програмската задача што е креирана од стручната Комисија ангажирана за изготвување на задачата, има цел да обезбеди комбинирани содржини, односно станбен и деловен фонд во рамнотежа со јавниот простор, како и нови содржини за изградба на нова детска градинка, придружни комерцијални и јавни содржини во функција на домувањето, содржини од областа на културата, зачувување на просторните маркери од локалитетот, зеленило со еколошка функција и одржливост во планирањето на сообраќајот.
„Идејата за конкурсот произлезе од граѓанската иницијатива доставена во месец јануари 2020 година, а беше позитивно прифатена од Советот на Општина Центар и од мене како градоначалник. Во Европа вообичаена пракса е просторното уредување на поранешните индустриски зони да се проектираат врз основа на јавен конкурс и затоа ние како локална самоуправа сметавме дека конкурсот е правилен начин за урбанистичко планирање што ќе биде во корист на јавниот интерес“,
изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Од Општината посочуваат дека во споредба со актуелниот план, придобивките што се очекуваат од Конкурсот се зголемување на површината за јавни функции до 47% (проценти), локација за нова детска градинка со капацитет за 250 деца, детски и спортски игралишта и зачувување на зелениот фонд, согласно новиот Правилник за урбанистичко планирање.
„Споредбено со важечкиот план, станбените и деловните згради ќе имаат поквалитетно просторно решение што на самите инвеститорите ќе им се овозможат нови поволности за добивање поквалитетни решенија за станбени заедници и паркинг-простор“,
се вели во соопштението.
По завршување на конкурсот и фазата на оценување на испратените трудови, најдобрите тројца кандидати ќе бидат наградени со паричен фонд, а трудовите ќе бидат изложени на архитектонска изложба за јавноста, додаваат од Општина Центар.
Пред официјалното објавување на конкурсот, локацијата кај „Треска“ беше опфатена и во елаборатите за суспензија на плановите на Општина Центар кои Министерството за транспорт и врски ги оцени како „промашени“ и не даде зелено светло за нивна суспензија.
И покрај неуспешниот обид за суспензија на ДУП, Богдановиќ за „360 степени“ тогаш посочи дека јавниот конкурс за идејно решение за овој простор е правно издржан. Инвеститорите и сопствениците на земјиштето кај „Треска“, пак, кои веќе имаат поднесено и барања за одобренија за градба и доокрупнување на парцелите, се заканија со кривични пријави до општинските советници доколку го распишат конкурсот. Се бранат со т.н. „стекнато право“, принцип што според нив забранува да се скрати еднаш дозволена висина и основа за градба на една градежна парцела во приватна сопственост.